Вучиќ мора да почека барем до 15 мај за официјалната победа во Србија
Конечните резултати од предвремените парламентарни избори во Србија, кои се одржаа на 24 април, ќе бидат признати по повторното гласање во 15 избирачки места. Ова го соопшти Републичката изборна комисија на Србија, која закажа повторување на изборите во спорните делови на 4 мај. Резултатите таму беа поништени, по откриените прекршоци за време на гласањето.
Досега се преброени резултатите од гласањето во 98,64% од изборните места. Според нив, во Собранието влегуваат седум партии и коалиции. Со голема предност води коалицијата на "Александар Вучиќ - Србија победува", формирана околу владејачката Српска напредна партија, предводена од премиерот Александар Вучиќ. Таа доби 48,24% од гласовите.
Петпроцентната бариера ја поминуваат уште шест партиски групации: коалицијата околу Социјалистичката партија на Србија на чело со Ивица Дачиќ (10.95%), Српската радикална партија, предводена од Воислав Шешељ (8.11%), опозициската коалиција "За фер Србија - Демократска партија" (6, 04%), коалицијата "Доста веќе - Саша Радуловиќ" (6,04%), коалиција од прозападните Либерално-демократска партија, лигата на социјалдемократите на Војводина и Социјалдемократската партија (5,03%) и противниците на европската интеграција - коалицијата "Демократска партија на Србија - Двери Санда Рашковиќ Ивиќ и Бошко Обрадовиќ "(5.01%). Одѕивот беше 56,25%.
За 250-те места во парламентот се бореа 3270 кандидати, претставувајќи 20 партиски листи. Овие парламентарни избори се единаесетти по воведувањето на повеќепартискиот систем во 1990 година и седмиот предвремени.
