Второто полугодие започна со генерален штрајк на СОНК
Тринеделниот зимски распуст за основците и средношколците заврши. Од денес околу 280 илјади ученици се враќаат во училишните клупи за да го започнат второто полугодие од учебната година.
Но за некои од учениците настава нема да има бидејќи паралелно со почетокот на второто полугодие започна и генералниот штрајк на СОНК кој го поддржаа дел од наставниците и професорите и покрај притисоците врз нив дека ќе бидат заменети со други и дека ќе бидат казнувани.
СОНК за почетокот на второто полугодие од учебната година најави генерален штрајк во градинките, основното, средното образование, ученичките домови и установите од културата поради неуспешните преговори со министерството за образование.
Синидикатот побара укинување на казните за наставниците кои се предвидени со екстерното тестирање на учениците како и покачување на платата во овој сектор.
Штрајкот е замислен така што професорите и наставниците ќе присуствуваат на своите работни места но нема да ги извршуваат работните задачи.
И покрај големите притисоци, од СОНК велат дека не се откажуваат од штрајкот. Подготвуваат тужби за градоначалниците кои незаконски ќе го спречат правото на штрајк.
Градоначалникот на Скопје пак се закани со замена на веќе вработените наставници, а сите оние кои ќе штрајкуваат нема да земат плата.
Од синдикатот пак велат ова се коси со сите уставни и законски прописи.
Почетокот на штрајкот во образованието ќе го следат меѓународни набљудувачи од три организации.
Слично
