Втора фабрика на руски „Гришко“ ќе донесе до 200 работни места
Руската компанија „Гришко“ ќе ја зголеми својата инвестиција во Македонија и ќе отвори уште една фабрика во земјава, во која се планираат меѓу 150 и 200 нови вработувања.
По првата фабрика во Слепче, од чија работа се задоволни, втората ќе ја градат во Демир Хисар.
„Во првата своја фабрика „Гришко“ вработи 82 лица, кои во моментов работат на производство на обувки. Во фабриката која денес ја најавуваме ќе бидат вработени околу 200 лица. Се очекува следната година втората фабрика да започне со работа, а во меѓувреме ќе бара работници кои дополнително ќе ги обучи“, истакна министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески.
Сопственикот на компанијата Николај Гришко истакна дека досега има инвестирано 1 милион евра во Македонија.
„Министерот Павлески ни предложи да изградиме и втор објект, за кој ви ветувам дека брзо ќе биде отворен. Со ова се надевам дека моето вложување во Македонија ќе заврши успешно. Ние работниците треба да ги учиме и обучуваме од нула, бидејќи тие немаат искуство за ваков вид на производство“, вели Гришко.
Тој ги пофали инвестициските можности во земјава.
„Јас за првпат се наоѓам во земја во која не е спомната корупцијата. Вие имате уникатна Влада. Денес премиерот Груевски иако е повреден дојде на средбата со мене и затоа му искажувам нему и на целата Влада посебна благодарност за помошта“, додаде Гришко.
Компанијата која во земјава почна со работа пред една и пол година произведува балетски обувки и опрема.
Слично
