Втор ден кампања: Иванов во Струга, Пендаровски во Кочани, Халими во Слатино, Поповски во Гостивар
Кандидатите за претстојните претседателски избори втор ден тераат кампања низ Македонија. Ѓорге Иванов и ВМРО ДПМНЕ денеска се претставија пред граѓаните на Струга. Актуелниот шеф на државата, кој бара втор мандат, вети дека приоритет и натаму ќе му биде економијата.
„Ја промовирам македонската економија, можности и поволности, ќе работам на создавање подобри услови за живот. Приоритет и натаму ќе биде економијата, знам дека на Струга и се потребни нови работни места, младите да формираат семејства“, рече Иванов.
Слични аргументи понуди и кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски, кој на повеќе локации во Кочани и населените места се сретна со групи граѓани и во непосреден дијалог ги изложуваше сопствените видувања за иднината на државата.
„Овој регион според сите статистички показатели има најголем одлив, и на млади и на оние што можат да заминуваат од државата. Значи, ова е опустошен регион и моето длабоко уверување е дека тоа се должи на политиките на централната власт која мисли дека само Скопје треба да се развива во еден сегмент, а регионите да умираат“, рече Пендаровски.
ДПА вечрва ќе има централен митинг во тетовско Слатино, каде што својата програма ќе ја претстави претседателскиот кандидат Илијаз Халими. Во Гостивар,пак, митинг одржува партијата ГРОМ. Нивниот кандидат Зоран Поповски има средби и со граѓаните на Тетово и на село Теарце.
ДУИ во рамки на нивната кампања „Не за едностран претседател“ ќе одржи средби со жителите на општините Сарај, Карпош и Студеничане.
Слично
