Втор дел од екстерното тестирање за матурантите! „Отворениот базен” отвори нови дилеми!
Околу 20 000 матуранти повторно на жешкото столче. Го полагаат вториот предмет од екстерното тестирање. И 2900 наставници на штрек. Оценки ќе има и за нив, од кои ќе им зависи висината на платата и работното место.
Стекнување на знаење или кампањско учење на одговори на можните прашања од тестовите-деновиве матурантите во паника како побрзо да ги совладаат двата предмети од екстерното тестирање кои ги дознаа пред пет дена.
Матурантката М.М вели дека најголемиот проблем за неа околу екстерното тестирање е тоа што никој не ги информирал за деталите и како точно ќе се спроведува. Деновиве вели во нејзиното училиште била вистинска бркотница како за учениците, така и за наставниците.
“Сите трчаат во школо и само зборуваат за оваа тема и се поставуваат најразлични прашања. Никој не е информиран дали оценката влегува во свидетелство (што не е логично бидејќи е полугодие), дали овој пат ќе се смета во просек и сл. Јас лично поминав прилично лесно на екстерното тестирање за првиот предмет, иако се уште не можам да ја увидам поентата на сето тоа. Ги имав прашањата, си ги напишав одговорите, ги научив на памет и сигурна сум дека ќе имам петка. Во последно време се прашувам што значи „ектерното тестирање помина успешно”, тоа значи дека сите ученици биле присутни не тестирање? Како може едно тестирање да биде успешно доколку ученикот ги има прашањата и одговорите? Цела година зборуваат како ова тестирање не е за учениците, туку за тестирање на професорите. Цела година професорите се исплашени, се построги и пишуваат пониски оцени, а на крај учениците си ги имаат одговорите за екстерно и вадат поголеми оценки од оценката напишана од професорите. Што добивме од ектерното?”-вели матурантката М.М.
Нејзиниот соученик С. М од скопската гимназија” Јосип Броз Тито” вели дека во вторникот полагал македонски јазик и литература. Тестирањето почнало на време и немал проблем околу прашањата. Дури на екстерното поминал многу подобро отколку на редовна настава, бидејќи заокружувањето на познатите одговори ја олеснува работата. Денеска полага математика. Предмет кој и најмногу го плаши, бидејќи задачите, како што објаснува, и не биле така лесни.
“Потребно е време да се совлада материјалот. Сепак се работи за математика. Една бројка и задачата е погрешна. Јас планирам да продолжам на Факултетот за физичка култура. Кошарката ми е омилениот спорт во кој ги вложувам сите надежи. Дали и како ќе се одразат оценките од екстерното ќе видиме, но сепак тешко е особено за мене како иден спортист да се вложувам посебно во математика. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите”-вели С.М.
Отворен базен на прашања-отворени дилеми!
Воведувањето на промена во екстерното тестирање по само една имплентација значи дека имало потреба од интервенција во моделот. Но, оправданоста и потребата од оваа интревенција не ја знаеме затоа што се уште нема анализа како се спровело екстерното тестирање во 2013, и како било дојдено до оваа конкретна измена- велат од Младинскиот образовен форум.
Отворениот базен прашања, отвора според нив и нови дилеми: како тестирањето на само делче од содржината од еден предмет го зголемува знаењето на учениците и како може да се оцени објективноста на професорот кога се бодува само препознавање на одговори на познати прашања, а не на предадениот наставен материјал и оценката од професорот? Нејасно е велат, како би требало отворениот базен прашања да стимулира стекнување на знаење, а не кампањско учење на одговори на можните прашања од тестови.
“Останува да видиме дали ќе се избегнат техничките пропусти кои ги имаше минатата година, но поради недостатокот од анализи нема да можеме да имаме јасна слика. Сепак, легислативните пропусти кои се појавија минатата година уште не се решени – непознато е што се случува со негативните оценки, дали ќе има второстепена можност за приговор, дали професорите ќе можат да поднесуваат приговори” - вели Дона Костуранова, МОФ
Според министерот за образование и наука Спиро Ристовски, екстерното тестирање, барем по првиот предмет помина успешно, освен за одредени пропусти каде одговорноста ја лоцираше кај директорите на училиштата, кои ненавремено ги верификувале списоците со предметите. Со двата предмети од екстерното тестирање матурантите го завршуваат првиот дел од обврската. Ново тестирање-државна матура ги чека за околу 5 месеци. Според експертската јавност, останува отворено прашањето дали образовниот систем е подготвен за коректно оценување и успешна реформа, учат ли средношколците за знаење или само „да се положи“ на познати прашања, но и зошто некои професори би биле оценувани по еден два или три предмети, а некои по ниту еден? Резултатите од екстерното тестирање кое беше спроведено минатата година допрва треба да покажат кои наставници и професори имале најголеми отстапки во оценувањето и колкумина од нив ќе останат со пониски или повисоки плати. Според директорката на Бирото за образование Весна Хорватовиќ, согласно Законот оние максимум 20% од наставниците кои ќе се најдат најдолу на листата ќе бидат казнети. Откази се предвидени по покажување на три следователни отстапувања во оценувањето.
С.Б.
Слично
