Врвот на ВМРО-ДПМНЕ за прислушувањето ќе сведочи тајно
Први на листата на сведоци за аферата со прислушувањето се најдоа шестмина фунционери на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе сведочат пред Анкетната комисија зад затворени врати.
Премиерот Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, на покана од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и Сашо Мијалков, Мартин Протоѓер и Миле Јанакиески, на покана од пратениците од СДСМ ќе сведочат идната недела.
Иако беше предвидено седниците на Анкетната комисија да се прикажуваат јавно на собранискот канал, на барање на ВМРО-ДПМНЕ сведочењето ќе биде тајно, бидејќи, како што велат сведоците ќе изнесуваат доверливи информации.
Пратеникот Антонио Милошоски изјави дека седниците ќе бидат затворени, бидејќи целта е да се утврди вистината, а не да се прави театар.
Претседателот на Комисијата Петре Шилегов од СДСМ пак, вели дека овој став на владејчката партија е уште еден доказ дека тие немаат намера да дадат отчет пред јавноста.
Тој изјави дека од седницата јавно ги поканил сведоците да се изјаснат пред Комисијата во среда.
На прашањето, дали јавноста некогаш ќе дознае што изјавиле сведоците за масовното прислушување, Шилегов рече дека ќе бидат објавени изјави кои не содржат класифицирани информации.
Според Одлуката за формирање на Анкетната комисија и нејзиниот Деловник за работа, сите пратенички групи имаат право да предложат листа со најмалку по тројца сведоци.
Единствено ДПА не достави листа со сведоци, бидејќи како што изјави Ернат Фејзулаху не им веруваат на институциите и сметаат дека тие не предизвикаа политичка криза.
Икану, партиите вчера го усогласија планот и роковите според кои ќе работи Анкетната комисија, чии членови треба да ги сослушаат сите сведоци до 22 јануари.
