Врвните тела на ЕУ постигнаа договор за трговската рамка ЕУ-САД
Преговарачите од Европскиот парламент, Европската комисија и Советот постигнаа договор за трговската рамка ЕУ-САД рано утрово, по три рунди меѓуинституционални преговори, објави Европскиот парламент.
Пратеничката на Европскиот парламент и постојан известувач на групата на ЕНП за трговија ЕУ-САД, Жељана Зовко, го поздрави договорот, опишувајќи го како клучен момент за враќање на стабилноста, предвидливоста и правната сигурност во трансатлантските економски односи, кои таа ги опишува како „најважното билатерално економско партнерство во светот“.
„ЕНП зазеде јасна позиција откако Доналд Трамп и Урсула фон дер Лајен постигнаа политички рамковен договор во Тарнбери минатото лето: договорот треба да се спроведе брзо, одговорно и без непотребни одложувања. Додека одредени политички групи во Европскиот парламент ја искористија секоја можност да го забават процесот и да воведат дополнителна неизвесност во време кога на европската економија најмногу ѝ беше потребна стабилност, Зовко и ЕНП постојано се залагаа за конструктивен и прагматичен пристап во интерес на европските бизниси, инвестиции и работни места“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека „денешната спогодба потврдува дека Европската Унија ја презеде одговорноста за своите бизниси и милиони работници, на што јас (Зовко) повикував од самиот почеток на преговорите“.
„Спогодбата можеше и требаше да се постигне порано, но важно е сите страни на крајот да пристапат кон преговорите со добра волја и да ја препознаат пошироката стратешка важност на трансатлантското партнерство“, рече Зовко.
Зовко нагласи дека овој договор не е само трговски договор, туку основа на стабилност за најголемото билатерално економско партнерство во светот, кое достигна рекордни 9,8 милијарди долари во 2025 година.
„Повеќе од 16 милиони работни места од двете страни на Атлантикот денес зависат од трансатлантската економија. Договорените заштитни мерки го одразуваат ставот на ЕНП - договор без прекумерен протекционизам, но со јасни инструменти за заштита на европските интереси во случај на идни еднострани мерки од другата страна на Атлантикот“, се вели во соопштението.
Зовко додаде дека „сега очекуваме нашите американски партнери да ја прифатат подадената рака на Европа и да продолжат да градат посилно и поурамнотежено трансатлантско партнерство“.
„Прашањата што САД ги покренуваат со месеци за еднаквоста и условите за фер трговија се решени преку овие преговори. Време е да продолжиме да работиме заедно на преостанатите предизвици, особено кога станува збор за европската индустрија за челик и алуминиум“, рече Зовко.
Таа додаде дека во свет на растечка геополитичка нестабилност, докажаните партнери мора да останат сојузници, а не да станат противници.
„Европската Унија и Соединетите Американски Држави делат не само економски интереси, туку и стратешка одговорност да ја зачуваат стабилноста, да ги зајакнат своите индустрии и да го заштитат трансатлантското партнерство за идните генерации“, нагласи таа.
По речиси една година преговори, договорот беше одобрен од сите 27 земји-членки, а Европскиот парламент ќе гласа за него на пленарна седница во јуни.
„Ова беше тест за политичка одговорност и способност за заштита на европските интереси во клучен момент. Задоволни сме што е постигнат договор што ја враќа стабилноста во трансатлантските односи. Сега е до Европскиот парламент да го ратификува овој договор во јуни и со тоа да отвори ново поглавје во соработката меѓу Европската Унија и САД“, заклучи Зовко.
Фото: Архива