Врие во граничната полиција- дежурства за половина дневница!
Револт и незадоволство помеѓу полицајците во граничната полиција. Реагираат на новиот Колективен договор донесен во април годинава, според кој како што велат, со усна наредба им се наложувало да работат за половина дневница.
Извори за Фактор тврдат дека на полицајците во полициските станици Танушевски, Гошинце и Мазрача каде се работи и по неколку дена на терен, усно им било кажано дека од 24 часовно дежурство ќе им се платат само половината работни часови, а останатите 12 ќе се сметаат за одмор.
Ова велат упатените, го подгрева незадоволството кај полицајците, кои како што раскажуваат, покрај со тешките работни услови, ќе се соочат со нов дополнителен проблем кој директно ќе ги удри по џебот.
“Ние сме изложени на постојан ризик, имаме 24 часовни дежурства на терен, сами се снабдуваме со храна за деновите кога сме на смена, а сега со новиот Колективен договор ни наложуваат работно време кое е неизводливо да се реализира. Во 24 часовно дежурство треба 12 часа да се одработат на терен, во патрола или во станица, а останатите 12 да се водат како слободни. Ние не знаеме како ќе се спроведе Колективниот договор кога сеуште не постои Правилник за организација на работното време кој треба да се донесе по претходна консултација со Синдикатот. Поради оддалеченоста и времето потребно за транспорт е невозможно тој одмор да се реализира дома, туку напротив тоа време треба да се помине на работа. Ние имаме семејства и професионално си ја извршуваме работата, но со овие усно издадени наредби, логично е прашањето дали некој од оние кои сакаат да го спроведат овој модел на работа ќе дојде да дежура четири дена, а да му бидат платени два?” –прашуваат незадоволните полицајци од неколку станици за граничен надзор.
Реагираат и од Независниот синдикат на полицијата кој е дел од Конфедерацијата на синдикални организации. Оттаму велат дека и до нив стигнале реакциите на полицајците кои подготвуваат и претставка до Внатрешната контрола на МВР.
“Претстои период на лавина незадоволства и реакции на бомбастично најавениот и претставен Колективен договор кој беше потпишан во април 2015, во време кога беа заробени полицајците во полициската станица во Гошинце. Бројните катастрофални решенија кои се преточени во членови од Колективниот договор како што се член 97 став 3 и член 98 став 3 кои го регулираат начинот на работа во одредени полициски станици и е крајно контрадикторен во однос на Законот за работни односи.
Ова допринесе да се зголеми незадоволството поради се повидливата дискриминација на вработените. Основа за ваквиот вид на реакција на полициските службеници како и реакцијата на Независниот синдикат се усно дадените насоки за постапување по колективниот договор, но притоа несметајќи на обврската за донесување на Правилници кои целосно ќе ги регулираат одредени одредби и членови, како и индивидуалното и самостојно толкување на Колективниот договор од страна на повеќе полициски службеници на повисоко ниво на одлучување кои донеле избрзани одлуки за постапување по некомплетниот Колективен договор. Од страна на полициските службеници од полициските станици за граничен надзор подготвена е претставка која ќе биде доставена до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР”- вели Гоце Делчев Тодев-претседател на Независниот синдикат на полицијата при КСО.
Тие најавуваат дека веќе е одредена работна група на Синдикатот која е во консултација со адвокати за правно решавање на спорните проблеми. Поради големиот број на неправилности и неправди кои ги содржат спорните законски одредби, од Синдикатот велат дека не се исклучени и тужби.
“Полициските станици за граничен надзор кои се со идентични задачи и обврски работат по различен начин на работа по однос на остварени работни часови од страна на полициските службеници.Тоа мора да се регулира. Независниот синдикат на полицијата мака мачи и води нерамноправна борба со гигантски инструираниот и проектиран репрезентативен синдикален столб кој со години по крајно чуден начин со страв и трепет делува по сите можни организациони единици во полицијата. Во последно време сериозно се прашувам што се треба да се случи за навистина да дојде моментот кога на вработените во македонската полиција ќе им биде овозможено самостојно и независно да делуваат на полето на заштитата на сопствените работнички права, согласно постојните закони и ништо повеќе”-додава Делчев-Тодев.
Независниот синдикат на полицијата бара итно стопирање и поништување на Колективниот договор од април годинава, а паралелно да тече нова постапка за изготвување на според нив, сериозен колективен договор по европски стандарди, кој велат - нема да биде основа и извор на дискриминација, незадоволство и тужби, туку можност за професионално и достоинствено извршување на работните задачи во полицијата.
