Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВРИЕ ОД ТУРИСТИ: Во Охрид нема каде игла да се фрли, а и Дојран полн со посетители

ВРИЕ ОД ТУРИСТИ: Во Охрид нема каде игла да се фрли, а и Дојран полн со посетители

Пониските температури и облачното време не ги предомислија туристите – споениот првомајски викенд традиционално ги наполни туристичките центри низ земјава. Меѓу најпосетените се Дојран и Охрид, каде сместувачките капацитети се речиси целосно исполнети.

Во Дојран, викендиците и приватните сместувања се полни, а посетителите денот го искористија за прошетки покрај езерото, рекреација во паркот и движење по шеталиштето во Стар Дојран. Слична слика има и во Охрид, каде големиот број домашни и странски туристи ги исполнија кејот, чаршијата и угостителските објекти.

Од Општина Дојран очекуваат и во наредните денови капацитетите да одговорат на зголемениот интерес. Во координација со Министерство за внатрешни работи преземени се мерки за безбедност за време на продолжениот викенд.

Локалните власти најавуваат и засилени активности за подготовка на летната сезона. Планирано е чистење на крајбрежјето од стари дрвени столбови и вегетација, како и попесочување на плажите, со цел тие да бидат целосно уредени до почетокот на јуни. Во план е и реконструкција на пешачката патека од пазарот во Стар Дојран до амфитеатарот, која поради оштетувања и задржување вода е тешко проодна.

Како дел од подготовките, завршена е и постапката за авионска дезинсекција против комарци.

Според податоците на општината, регистрирани се стотици сместувачки капацитети – и приватни и од правни лица, со илјадници легла, што дополнително ја потврдува атрактивноста на Дојран како туристичка дестинација.

Споениот викенд уште еднаш покажа дека, без разлика на временските услови, интересот за домашните туристички центри останува висок.


Слично

Поврзани вести