Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВРИЕ МЕЃУ ПРОФЕСОРИТЕ: Проблемите не се решаваат, ако се ставаат под тепих!

ВРИЕ МЕЃУ ПРОФЕСОРИТЕ: Проблемите не се решаваат, ако се ставаат под тепих!
Иако Синдикатот за образование и наука и Министерството за образование постигнаа договор резултатите од процесот на екстерното тестирање да немаат реперкусии врз личните примања на наставниците, доколку се најдат на листата со најголеми отстапувања во оценувањето на учениците, тоа не го смирува се поголемото незадоволство меѓу наставниот кадар. Од Наставничкиот пленум велат дека се разочарани од ваквиот начин на работа на двете страни и уверуваат дека нема наставник кој навистина се сложува со вакви „реформи“ во образованието,  бидејќи  сите се свесни дека овој систем е неправеден, лош и дестимулативен за наставниците и учениците. Но, додаваат,   има наставници кои јавно зборуваат и наставници кои тивко шепотат. ”Ова се само моментални решенија кои ја зголемуваат несигурноста во образовниот систем. Сметаме дека МОН и СОНК недоволно сериозно ги сфаќаат нашите забелешки и барања и дека нивна единствена цел е да попушти малку едниот, да попушти и другиот и така да најдат некој компромис, кој за жал е на штета на образовниот процес. Едно од клучните барања на наставниците за време на штрајкот беше повлекување на казните и наградите кои произлегуваат од екстерното тестирање заради фактот што истото, вака поставено, не е соодветен инструмент ниту за мерење на знаењето на учениците ниту за проверка на објективноста на оценувањето на наставниците. Оттука, не само што не се возможни казни туку истовремено не можат да произлезат ни награди. Проблемот е во моделот на екстерно тестирање и целите за кои истото се користи. Со прифаќањето на награди се легализира објективноста на тестирањето што никако не смееме да го дозволиме” -реагираат  наставниците. Според нив, Наставничкиот пленум во многу наврати, а и  средношколците истовремено, алармирале  токму за необјективноста на екстерното тестирање, па затоа велат,  сите обуки, советувања, зголемувања на плата и напредување во кариерата врз основ на резултати од екстерното тестирање со косат со логиката и воопшто не водат до подобрување на образовниот процес. “Постојано се прават измени на законите од областа на образованието, што укажува дека понудените законски решенија се избрзани без претходни анализи, без согледувања на реалните потреби и состојби на сите засегнати страни. Се носат  закони преку ноќ кои не можат ни да се следат, СОНК оди премногу бавно со реакциите- некој страда во меѓувреме! Никој  не ја консултира БАЗАТА”- велат  наставниците. Расте гневот и кај средношколците! Тенденцијата на вака донесениот  заклучок помеѓу синдикалното раководство и ресорното министерство со кој се отстрануваат казни, а се задржуваат награди, според наставниот кадар е  во насока на намалување на револтот од страна на наставниците, што за нив е по малку навредувачки. Тие не гледааат како овој начин на носење брзи компромисни решенија ќе го сопре незадоволството кое го артикулираат средношколците. “Не гледаме можност за смирување на образовниот фронт. Да се изразиме  фигуративно  -ова е само ставање на “ѓубрето под тепихот” за кога ќе дојдат гости да изгледа чисто..При носење на одлуката, очигледно никој воопшто не обрнал внимание на нашите  потреби, права, заложби и јавно изнесени ставови. Во таа насока, покрај нашите, како наставници сакаме да ги заштитиме и интересите на учениците и затоа ќе продолжиме со аргументирана борба за подобро образование”-потенцираат членовите на Наставничкиот пленум. Оттаму велат дека секој наставник кој ја сака својата професија и сака да се избори за подобри услови за работа, за враќање на дигнитетот на оваа професија, за реално валоризирање на трудот и посветеноста нема да се задоволи со чинот на повлекување на казните. Според нив, поделбата меѓу наставниците е направена уште во самата концепција на оценување и тоа на наставници кои се оценуваат екстерно и наставници кои се оценуваат интерно. Во продолжение, секој наставник се оценува на различен број ученици. Со овие договорени законски решенија овие поделби уште повеќе се продлабочуваат, и велат,  ќе доведат до нарушување на меѓусебните односи, а со самото тоа и до нарушување на училишната клима, што повторно ќе има негативен ефект во целиот образовен процес. “Ако за еден концепт на оценување велиме дека е неиздржан и необјективен, не е исклучено резултатите од истиот да бидат предмет на злоупотреба. Постојано укажуваме на фактот дека еден тест не може да биде реална оцена за професионалноста и квалитетот на еден наставник. Меѓу наставниците кои молчат се и оние кои се вработени на  определено работно време од причини што им е страв да имаат свое мислење, бидејки ако си против промените во образованието се третира дека си против власта. Има и една друга појава, сурово но вистинито. Во секојдневните разговори со колегите никој не е за овие промени, но штом треба да се завземе став се појавуа страв и настанува штама и молк. Многумина чекаат некој друг да се избори за нивните права.Ако и има наставници што навистина се ЗА овие реформи, тие веројатно имаат причини за кои ние не ги разбираме, но тажно е ако се принудени да молчат зашто тие ги воспитуваат своите деца и ученици со реченици од типот: „молчи така треба да биде“ или „што ти е гајле, гледај си за себе“, а тоа го руши моралот кој и така е климав. Со такви воспитувачи се поставува прашање: како понатаму и има ли дно на ова ступидно и со канцер зафатено општество?-прашуваат од Пленумот. Во една ваква општествено нарушена атмосфера, според нив,  не треба да се плашат  оние што молчат, туку  оние што зборуваат бидејќи  не е исклучено да биде ставен во прашање квалитетот на професионалните, строги и гласноговорни наставници. “За жал, историјата покажала дека први страдаат тие што повеќе не можат да молчат и јавно ќе се побунат против лоши решенија. По правило тоа секогаш се најквалитетни луѓе, и оние што не можат да се помират со лоши решенија и сакаат подобар квалитет”- нагласуваат наставниците. Класичните дневници заминуваат во заборав, евиденција во електронски дневници И покрај тоа што дел од редформите е во учебната 2017/18 година класичните дневници треба да бидат заменети со екстронски, нашата земја според Наставничкиот пленум   е толку сиромашна држава што и интернетот е луксуз. И тоа не само за наставниците кои за да бидат во чекор со времето би морале да го користат, туку и  за учениците и нивните родители. “Оваа Влада би морала да се соочи со фактот дека Македонија е многу, многу далеку од она што тие го нарекуваат информатичко општество. Ниту училиштата ниту граѓаните не можат да ги подмират основните сметки, така што многумина се откажуваат од интернет. Во училиштата не е обезбеден квалитетен пристап до интернет дури ни во метрополата ,  а да не зборуваме за училиштата во руралните средини. Така наставниците се приморани овие работи да ги извршуваат од дома, но наставникот е се повеќе и повеќе сиромашен”-објаснуваат наставниците. Карактеристика на секоја база на податоци, спореднаставниците е НАВРЕМЕНО АЖУРИРАЊЕ на податоците, а тоа не е возможно со слаба интернет врска и уште помалку со слаб сервер на кој е хостиран е-дневникот. “Е-дневникот – ако го гледаме како на база на податоци што всушност е – намена на секоја база на податоци е да обезбеди податоци кои понатаму ќе дадат информации и извештаи корисна за ученици, за родители и за наставници. Имено, сегашниот сервер не е во состојба во исто време да опслужи толку голем број на корисници па се случува наставниците со часови и часови да внесуваат податоци кои во нормални услови би можеле да ги внесат за неколку минути. Од тие причини се чекаат ситни ноќни часови за колку-толку да се забрза работата на е-дневникот. Доколку не би биле овие недостатоци, е-дневникот би бил корисна алатка. Но вака, кому се потребни застарени информации? Ние сите извештаи за тримесечие, за полугодие и за крајот на учебната година ги пишуваме и пресметуваме рачно бидејќи потребните податоци не се внесени благовремено во е-дневникот? Рачно се пишуваат главни книги, свидетелства, дипломи, евидентни листови .... зошто тогаш една таква огромна база на податоци?”-додава еден од наставниците од Наставничкиот пленум . Со вакви услови водењето на е-дневник, додаваат, наместо да ја олесни ја претвора работата на наставникот во администрирање кое нема некое посериозно оправдување освен дополнителни проблеми на подолг рок. Наставникот до сега живеел со уверување дека неговата чланарина е доволна некој друг да го брани неговиот кредибилитет и неговите загарантирани права. Но, се чини дека после вчерашната изјава за исходот од преговорите со МОН, СОНК сигурно го губи легитимитетот пред членството. Ако барањата заради кои се реализираше штрајкот на наставниците беа укинување на системот на награди и казни произлезени од екстерното оценување, ревидирање на самото екстерно тестирање кое треба да има само формативен карактер, намалување на двојната администрација и зголемување на платите на наставниците, тогаш повеќе од јасно е дека не се исполнети барањата на наставниците и преговорите се неуспешни. Преку систем на награди, казни за гласноговорниците?! Наставниците и професорите велат дека иако сега паричните  казни се укинати, сепак  ќе има систем на награди заснован врз резултатите од екстерното тестирање. Значи за едни  наградите добиени врз нереална основа од 2.100 денари месечно, всушност ќе бидат казни за другите. Понатаму, потенцираат, се нанесува сериозна штета по кредибилитетот на наставниците кои повторно ќе бидат прогласени за неспособни да оценат правилно. Со постигнатиот договор помеѓу СОНК и МОН, Наставничкиот  Пленум очекува масовно исклучување на наставниците од синдикатот кој велат ниту до сега, а ни сега не е способен да ја разбере улогата заради која постои. Очигледно, оценуваат  наставниците,  чланарината од членството не била  доволен мотив, кога веќе недостасувала  свест за одговорната улога која СОНК ја има во општеството. Членството останува да го каже последниот збор по прашањето на доверба за политиките на СОНК. С.Б.
Слично

Поврзани вести