ВРЕМЕТО ТЕЧЕ, ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА БРОИ: Уште неколку часа до ултиматумот!
За неколку часа истекува ултиматумот кој шарените револуционери и го поставија на власта за исполнување на нивните барања.
„Бараме итно ослободување на сите приведени демонстранти и запирање на сите форми на притисок врз слободните граѓани кои го искажуваат својот револт“, рекоа активисти на протестите кога го поставија ултиматумот.
Секојдневно со разни акции одбројуваат до 18 јуни а акција се очекува и вечерва.
Тие вчера најавија масовен протест за во понеделник поради како што велат доволното време кое и го дадоа на власта а таа е глува на барањата на граѓаните .
Протестот е закажан за во 19 часот а во повикот организаторите од движењето Протестирам велат дека „граѓаните доаѓаат по правдата“.
„Специјалното јавно обвинителство е првата светлост во оваа правна темнина во која живееме, а власта го кочеше уште пред да биде формирано. После денешната одлука на Уставниот суд да не го стави СЈО на дневен ред ниту за следната своја седница, очигледно е дека Груевски и неговите соработници се обидуваат да го укинат СЈО кога најмалку ќе очекуваме.
Нашите ултимативни барања не беа исполнети. Тврдина на правдата, која граѓаните силно ја поддржуваат изминативе два месеца, сега е под сериозна закана. Груевски се плаши од затворот што го чека! Како граѓани имаме обврска да го спасиме СЈО од прангите на криминалците на власт!
Иако прогонот врз демонстрантите продолжува, граѓаните ќе ја земат правдата во свои раце. Институциите што треба да не’ бранат нас граѓаните всушност ги бранат само криминалите на владеачката партија. Не може да има правда во државата, кога режимот врши прогон врз оние кои се борат за слобода, правда и еднаквост.
Да потсетиме кој му даде право на Иванов да помилува криминалци – сега истиот тој партизиран Уставен суд повторно се заканува на СЈО.
Доста беше драги сограѓани, на Груевски му е дојден крајот! Потребно е уште малку да го притиснеме! Да бидеме сплотени и здружени како никогаш порано! Да му ставиме крај на ова црно зло што ни ја уништува државата! Граѓаните доаѓаат правдата и демократијата да ја земат во своите раце! Смрт за фашизмот, слобода на народот!“, порачуваат од Шрената револуција.
Тие исто така бараат и оставка од актуелната влада и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори. Формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО. Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата. Процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија. Оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија.
