ВРЕМЕ: Ќе заврне ли конечно снег во Скопје?
Последната недела од оваа 2014 година не очекува доста променливо време. Имено, според пишувањата на МЕТЕОПРО во дел од котлините во северниот крај тенка ќе биде границата помеѓу врнежите од снег и дожд. Малку потоплиот воздух кој што ќе доаѓа од југ на висина од околу 600 метри, ќе го диктира типот на врнежите во текот на вечерта.
Во северозападниот регион врнежите ќе бидат од снег во текот на целиот ден, а ќе се формира и нова снежна покривка. Шара очекува посериозен снежен покривач!
Во југозападниот регион се очекуваат врнежи од снег, но со мала веројатност навечер локално да преминат во мешавина од дожд и снег додека во југоисточниот крај врнежите претежно ќе бидат од дожд.
Повисоките населени места во источниот крај ќе очекуваат врнежи од снег, а интензитетот на врнежите ќе биде поголем во текот на ноќта.
Не е исклучена можноста за сосема локална појава на мрзнечки дожд во текот на вечерта.Минималната температура ќе има вредност околу -3° низ котлините,a на повисоките места таа ќе се спушти до околу -8°С.Максималната температура во Македонија ќе има вредност околу 3°С низ поголем дел од котлините, а на југоисток само до 5°С. На повиските места максималната температура ќе има вредност околу -4°С.
Во скопската котлина се очекува умерена облачност наутро, но со брзо наоблачување претпладне. Попладне и навечер врнежите ќе добијат на интензитет. Типот на врнежите во Скопје се прогностички многу дискутабилни. Голема е веројатноста навечер тие да бидат мешавина од дожд и снег, а во повисокиот регион околу Скопје само од снег. Доцна навечер тие ќе бидат само од снег, со можност за формирање на снежна покривка, пишува МЕТЕОПРО.
Минималната температура ќе има вредност околу -6°С. Дневниот максимум на температурата на воздухот ќе достигне вредност само околу 4°С.
