Вреди ли за еден Гренланд да падне НАТО и како Трамп ја соочи Европа со реалноста
Новиот светски поредок се создава буквално пред нашите очи, со преносите во живо од говорите на Трамп и останатите лидери на Светскиот економски форум во Давос. Збогум на глобализмот, и на мултилатералните меѓународни односи, добредојде за силата и волјата на моќните.
Желбата на Доналд Трамп за преземање на Гренланд сериозно се закануваше дека ќе стави крај на НАТО, кое и онака веќе беше дијагностицирано како „клинички мртво“, но благодарение на вештините на ген-секот Марк Руте слаткоречиво да го потсмири американскиот претседател засега најмоќната воено-политичка алијанса може да здивне.
Трамп самоуверено прогласи дека имаат постигнато рамка за договор меѓу НАТО земјите за конечно и трајно решавање на статусот на Гренланд кој ќе биде во полза на САД.
Во овој договор ќе биде опфатен целиот арктички регион каде се води стратешка трка за доминација меѓу големите сили, вклучувајќи ги Русија и се повеќе Кина, иако кинеските амбиции се ограничени како единствена земја која во оваа трка нема директен излез на арктичка територија.
Гренланд, како полуавтономна територија, во повеќе наврати потврди дека единствено ја прифаќа власта на Данска и нема намери да се отцепува за да пристапи кон САД. Трамп, од Давос барем потврди дека не планира воено да го преземе островот иако силата која би ја примениле САД не би можел никој од Европа да ја спречи.
Трамп, исто така вети дека нема да ги воведе дополнителните 10 отсто царини за увоз од повеќе европски земји кои дадоа поддршка за Данска во обид да го сочува територијалниот интегритет. Во неговата визија на Гренланд треба да се изгради „Златна купола“ слична на системот за противвоздушна одбрана на Израел.
Гренланд исто така според договорот ќе треба да му дозволи на САД целосен пристап до главните суровини и критичните ретки минерали. Претходно САД во текот на Студената војна имаше огромно воено присуство на Гренланд со десетици воени бази и бројност од околу 10.000 трупи, а сега има само две активни воени бази со околу 150 војници.

Токму затоа на францускиот претседател Макрон и останатите лидери на земјите со арктичко присуство не им беше јасно зошто толкава агресија од страна на Трамп, кога САД може според актуелните договори во секое време да ги користи воените бази на Гренланд и да го зголеми военото присуство, а единствено што треба да направи е претходно да го извести официјален Копенхаген.
Гренланд е една од темите преку кои Трамп сака да изврши притисок врз Европската Унија, организација која конзервативните стратези во Вашингтон сметаат дека треба да се укине, затоа што ја гледаат како симбол на неолиберлната идеологија. Според нив, Европа е пропадната, порозна од влијанието на мигрантите, и целосно архаична и кревка за да се справи со новите предизвици.
Трамп секогаш со одбивност говори за европските лидери, сентимент кој се базира на години огорченост и лична вендета затоа што токму од нив беше редовно потценуван па дури и затскриено исмеван и занемаруван, особено на големите собири каде се обидуваа да го „изолираат“, чекајќи на некој друг политичар од Вашингтон кој ќе ги „возобнови специјалните односи“ меѓу САД и Европа.
Трамп директно во очи на Европјаните им порача дека во овој „танц“ не се рамноправен партнер и дека им е подобро да послушаат и прифатат тоа што им се сервира на маса бидејќи може да останат и без одбраната и бенефициите од Чичко Сем.
Европа како полека да се свестува дека со децении немаше сопствена политика во клучните меѓународни настани и дека премногу се потпираше на силата и водството на САД, за сега да се најде речиси осамена додека на нејзина територија се води разорна војна, а политиката на мултикултурализам е целосно промашена.
НАТО како клинички мртов пациент може да се надева на некое чудо во кое ќе се обнови трансатлантското партнерство меѓу САД и Европа или пак се поизвесно е дека ЕУ ќе треба да се потпре на сопствените воени ресурси, рапидно да се вооружа, па дури и да се подготвува за можни дополнителни руски инвазии на оспорени територии или пак внатрешни расцепи и немири.
Х.С.