Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вреди ли ВЛЕН конечно да стане една партија и има ли долгорочна визија освен дека е анти-ДУИ

Вреди ли ВЛЕН конечно да стане една партија и има ли долгорочна визија освен дека е анти-ДУИ

Коалицијата ВЛЕН никако да прерасне во еден политички субјект, односно да се пререгистрира во една партија во која ќе се обединат сите коалициски партнери и лидери кои имаат свои партии или фракции од претходните владејачки партии на Албанците во Македонија.

Иако најавуваат повеќе од една година дека „вреди“ да се групираат во една партија, актуелниот албански партнер во Владата на премиерот Христијан Мицкоски се уште нема конечна одлука како ќе го структуира новото партиско раководство, но што е уште поважно која е долгорочната визија за политичкиот субјект освен да се потпираат на анти-ДУИ реториката.

Карактеристично за политичкото организирање на Албанците во Македонија уште од 90-те години е фракционерството, односно како процес на поделба на клетки, од една партија излегувала фракција или движење за реформи, па потоа од фракцијата излегувала по најмалку уште една фракција.

По Конгресот на ДУИ на кој беше зацврстена лидерската позиција на Али Ахмети, но и беа промовирани неколку нови имиња во врвот на партиското раководство, како и наметнувањето на „последниот голем потег на Ахмети“, веќе се бележат првите знаци на внатрешно незадоволство во ВЛЕН, особено кадри кои можеби очекувале повеќе во доделувањето партиски или државни позиции.

Освен кадровските несогласувања, се јавува и нов политички вакуум за ВЛЕН, а тоа е прашањето за „големиот интерес на Албанците“, односно кој е следниот голем национален проект кој ќе го води коалицијата ВЛЕН, дали тоа ќе биде правичната застапеност во институциите, особено на Албанците, дали тоа ќе биде унапредување на децентрализацијата или пак нови институти за национално остварување на Албанците.

ВЛЕН е на крстопат, од една страна треба да одговори на „великоалбанските“ позиции на Ахмети и ДУИ, а од друга страна треба да се фати во костец со решавање на реалните и секојдневни проблеми на Албанците во современ контекст како што е социјалната и економската еманципација, унапредување на инфраструктурата, образованието, здравството, културата, спортот, и итн.

Засега ВЛЕН може да биде комотна по изборните успеси на државно и локално ниво, како и на претстојните повторени избори во општините Гостивар и Врапчиште каде успеа да номинира заеднички кандидати.

На централно ниво ќе ги задржи владините ресори кои се испразнија по преминот на неколку владини членови во локалната власта и да ги задоволи апетитите на сите „крила“, меѓу кои Демократско движење на Изет Меџити, Алтернатива на Беким Сали, БЕСА на Биљал Касами и третото крило на Алијанса на Албанците на Арбен Фетаи. Секако не треба да се заборави ниту влијанието на „Самоопределување“ партијата на Албин Курти од Косово која даде значајна поддршка за коалицијата ВЛЕН во спротивставувањето со Ахмети и ДУИ и придонесе во нивното легитимирање кај албанскиот електорат во Македонија.

Курти има свои проблеми во Косово, откако стана јасно дека ја изгуби меѓународната поддршка, особено од САД и Европската Унија и покрај тоа што победи на последните парламентарни избори ниту тој ниту другите предлог мандатари од Самоопределување не успеаја да формираат Влада, по што ќе следат нови предвремени избори.

Губењето на аурата на победникот Курти може да има политички импликации и на политичката сцена на Албанците во Македонија, особено што не треба да се занемари влијанието на Еди Рама премиерот на Албанија кој и натаму ужива висок рејтинг, а е многу поблизок со ДУИ.

Ротирачко претседателство, консензуално носење одлуки, балансирана партиски тела, тоа се отприлика главните механизми кои се понудени од партнерите на коалицијата ВЛЕН за формирање еден политички субјект, но Меџите, Касами, и останатите предводници на групацијата треба што побрзо да се договорат како ќе функционираат понатаму, како од кадровски, така и од политички и идеолошки аспект, бидејќи „лавовите“ на Ахмети се гладни за докажување. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести