Вреди да се штеди ама и кој вложува – добива! Кој ги израдува своите акционери со 36,6 милиони евра дивиденда?
НЛБ Банка со своето работење придонесува во градење на здрава и силна корпоративна култура. Деновиве на своите над 1.200 акционери им подели 36,6 милиони евра бруто дивиденда. Добитна е и нашата држава која од данок за дивидендата ќе наплати околу 3,66 милиони евра. А македонските акционери топтан ќе поделат бруто дивиденда од 4,6 милиони евра
Уште еден значаен настан во низата случувања од 30 годишната корпоративна историја на Македонија. НЛБ Банка исплати 36,6 милиони евра дивиденда на своите 1.222 акционери. Инвеститорите кои избраа да вложат на среден или долг рок ја добија својата награда, овој пат тие што вложија во акции со право на глас во НЛБ Банка.
Добитна е и државата затоа што врз основа на персоналец и данок на заддршка ќе наплати 3,66 милиони евра од акционерите на НЛБ Банка. Се по устав и закон, како што и доликува во транспарентен финансиски систем.
Кај домашните акционери од кои најголем број се домашни физички лица, а според евиденцијата на единствената овластена институција Централниот депозитар за хартии од вредност, ги има 1.076 лица остануваат 3,5 милиони евра (во бруто износ). Овие лица контролираат 9 отсто од акциите на НЛБ Банка.
Дури 120 домашни фирми ќе поделат 1,1 милиони евра. Овие домашни правни лица контролираат 3,1 отсто од акциите во една од трите најголеми деловни банки во Македонија.
Најголем акционер во нашата НЛБ Банка со седиште во Скопје е словенечката банка, „Нова Љубљанска банка“ (НЛБ) која поседува 87 отсто од акциите. Нејзе и следуваат 31,8 милиони евра дивиденда. На својата дивиденда словенечката банка на нашата држава на име данокза дивидендата ќе и плати 3,18 милиони евра. Парите ги наплаќа и пресметката ја врши Управата за јавни приходи.
Акцијата на НЛБ Банка е една од најпосакуваните и барани акции на нашиот пазар на капитал. Нејзината последна пазарна цена на Македонската берза за хартии од вредност е околу 39.000 денари. Највисоката цена што годинава ја постигна таа акција изнесуваше 41.800 денари. Акцијата на НЛБ Банка е една од најпосакуваните затоа што компанијата во континуитет бележи раст на приходите, зајакнување на пазарната позиција и што е најважно за инвеститорите дели дивиденда во пристојни износи. Всушност можеби и најважно е тоа што дивидендата што ја исплаќа оваа банка е конкурентна односно повисока од каматите на орочени влогови. Тоа што приносот од ова вложување надминува 6 отсто од вложеното односно пазарната цена при објавата на дивиденда сигурно е еден од најважните ценовни сигнали заради кои оваа акција е посакувана меѓу инвеститорите. Бездруго заради тоа и акцијата на НЛБ Банка е една од десетте најдобри македонски акции кои го сочинуваат македонскиот берзански индекс МБИ-10.
НЛБ Банка лани ја имаше најдобрата односно најуспешна година во своето постоење на македонскиот банкарски пазар. Повеќе детали за нејзиното работење лани на следниот линк https://faktor.mk/koja-banka-ja-ima-najuspeshnata-godina-vo-postoenjeto-dobivkata-e-52-milioni-evra
Р.Ф.
