Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вратени близу 20 милиони евра од солидарниот данок на 119 компании

Вратени близу 20 милиони евра од солидарниот данок на 119 компании

Министерството за финансии соопшти дека досега се вратени близу 20 милиони евра, односно 1,219 милијарди денари, на 119 компании кои во 2023 година уплатиле средства во Буџетот врз основа на Законот за данок на солидарност.

Според информациите од Министерството, исплатата на првиот дел од средствата почнала минатата недела, согласно утврдениот модел за поврат. Вкупно, компаниите во 2023 година по оваа основа уплатиле околу 48,8 милиони евра, односно 3 милијарди денари.

Обврската за враќање на средствата настана по одлуката на Уставниот суд, со која Законот за данок на солидарност беше поништен. Потоа, во договор со компаниите, беше утврден модел според кој повратот ќе се реализира во два дела, првиот во март 2026 година, а вториот во март 2027 година.

Од Министерството посочуваат дека повратот се врши врз основа на барање што компаниите го доставуваат до Управата за јавни приходи, согласно измените на правилникот за формата и содржината на образецот за враќање повеќе или погрешно наплатен данок.

Солидарниот данок беше воведен како еднократна давачка за дел од компаниите со повисоки приходи, со цел да се обезбедат дополнителни средства во буџетот во услови на економска криза. По поништувањето на законот, државата започна постапка за враќање на претходно наплатените средства.


Слично

Поврзани вести