Враќањето на „изедените“ работни места од короната застана на пола
Последиците од
пандемијата со Ковид-19 беа евидентни и бројот на невработени постојано растеше
во месеците на криза која еруптираше со 50.000 нови луѓе кои останаа без
работа. Крајот на пандемиската 2020 година беше одбележан со над 150.000
невработени. Сега, последиците од војната во Украина, инфлацијата, енергетската
и прехранбената криза допрва ќе се мерат. Економското пост-ковид опоравување
очигледно е дека „закочи“.
Ако се спореди темпото на намалување на невработеноста од апсолутниот негативен рекорд во декември 2020 до солидниот декември 2021 година кога бројот на невработени се намалил за околу 30.000, сега по 100 дена војна во Украина и по шест месеци од енергетската криза гледаме дека економското опоравување е во стагнација.
За првите четири месеци од годинава бројот на невработени се „стабилизира“ на околу 122.000. Тоа е за нешто над 25.000 невработени повеќе, отколку преткризната состојба на почетокот на 2020 година, кога првиот квартал беше на раб да сруши рекорди според раст на БДП, намалување на невработеност и раст на просечните плати и приходи.

Што промени пописот?
За прв пат Државниот завод за статистика и Агенцијата за вработување имаат усогласени податоци за бројот на вработени, невработени, активни баратели на работа како и стапката на невработеност, овој пат рекордно „ниска“ и под 15%.
Сепак, и натаму според обем има над 100.000 невработени, бројка која е намалена од претходните статистички податоци и усогласена според новиот Попис од 2021 година, но и натаму доста висока ако се земат в предвид бројните поскапувања на енергенсите, храната и услугите.
Треба да се земе и бројот на лица кои не се активни баратели на работа, па така автоматски не се дел од пазарот на трудот. Така се доаѓа до бројка од речиси 700.000 вработени лица, додека останатите не влегуваат во овие евиденции и можеби дел од нив работат непријавени или пак, дел од нив се хонорарно ангажирани.
Стапката на сиромаштија затоа и понатаму се движи на околу 25%, што значи дека и со рекордна стапка на невработеност и зголемена минимална плата на 18.000 денари, речиси секој петти жител на Македонија е сиромашен.
Оваа социјална категорија дополнително ќе се соочи со проблеми со екстремната инфлација, проценета на околу 8% од Народната банка иако реалната инфлација, онаа со која се соочуваат граѓаните во секојдневието е многу повисока и според неофицијални проценки се движи и до 30%.
Што може да ја „стопи“ невработеноста?
На пазарот на труд има околу 9.000 слободни работни места. Најмногу се бараат работници во преработувачката индустрија, продажбата и угостителството и хотелиерството.
Сепак, и овие бројки се доста индикативни бидејќи се некаква константа во изминатите години, како според сетовите на податоци кои ги објавува ДЗС така и АВРМ. А, во меѓувреме се повеќе расте бројот на огласи за ИТ, дигитални и креативни индустрии, каде платите се многу повисоки, не само од минималната туку и од просечната.
Бизнис заедницата најмногу „кубури“ со квалификувана работна сила во индустријата, градежништвото, но и во услужните дејности.
Речиси секој втор оглас е наменет за продавачи, келнери, шанкери и готвачи, особено на почетокот на летната сезона кога вообичаено овие кадри се насочуваат кон приморските земји како Хрватска, Грција и Малта.
Мора да се потенцира дека бројките на ДЗС пред и по пописот се како „портокали и мандарини“, односно не можеме со сигурност да тврдиме дека апсолутните стапки се споредливи, особено тие кои се вадат како просеци од вкупното население, а не според поединечни категории.
Х. С.