Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вработувањето на професионалните војници ќе важи и ретроактивно?

Вработувањето на професионалните војници ќе важи и ретроактивно?
Извршниот комитет на ВМРО–ДПМНЕ синоќа донел одлука да и даде насока на пратеничката група на владејачката партија во Собранието, во процесот на собраниската процедура за измена на Законот за служба во АРМ, да го прошири опфатот на професионалните војници и оваа мерка да важи ретроактивно за сите оние на кои службата во Армијата веќе им престанала по основ на исполнување на максимална старосна граница. Со ваквиот предлог, се овозможува професионалните војници во служба на Армијата на Република Македонија да се вработат во државни институции по наполнување на 45 години старост како максимална старосна граница во постоечкото законско решение, но и оние кои претходно заминале на отпуст со навршени 35 или 38 години, по старите законски решенија. „Оваа мерка ќе важи за поранешните професионални војници кои заклучно со 31.12.2013 година во Агенцијата за вработување на Република Македонија се водат како невработени лица. Цел на оваа мерка е на лицата кои го немаат решено својот работен статус, односно се невработени, да им се помогне истата како најважна работа за нив и нивните семејства“, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев. „Во мандатот на владеење на ВМРО–ДПМНЕ, за Армијата се случија две покачувања на старосната граница на професионални војници, 2007 година од 35 на 38, 2012 година од 38 на 45. Сега го решаваме егзистенцијалниот статус на војниците по 45 години со ретроактивно дејство, рече Димитриев. Законот за служба во АРМ со кој се предвидува вработување во јавна служба за професионалните војници по отпустот од АРМ па се до пензионирање денеска е на собраниска расправа, по скратена постапка.
Слично

Поврзани вести