ВРАБОТУВАЊЕ: Владата бара раководни лица во Министерството за земјоделство
Нови раководни лица за четири сегменти во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и се потребни на Владата која денеска објави оглас. Сите пријавени ќе имаат днакви шанси, а ќе бидат ангажирани најспособните и најсоодветните кои ќе придонесат за понатамошен развој.
Според огласот Владата бара лица за раководни позиции во сегментите регистрирање, управување, унапредување и продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, за лозарство, винарство и овоштарство, за консолидација на земјоделско земјиште, размена и идентификација на земјишни парцели и раководно лице во Телото за управување со средства од петтата компоненета ИПА (ИПАРД).
- Ова се многу битни позиции во областа на реализација на земјоделската политика. Станува збор за раководни лица кои имаат делокруг на работни задачи околу земјишната политика која е столб на секое земјоделство, на стратешките земјоделски култури, како што се виното, овошјето и зеленчукот од кои се обезбедува значаен девизен прилив, и се разбира околу мерките и активностите од програмата за рурален развој каде што се алоцираат огромни средства и користењето на европските средства за поддршка на земјоделството, изјавил владиниот портпарол.
Кадрите кои би раководеле со овие сфери, со својот капацитет и знаење и со својата работа би имале една од круцијалните улоги во понатамошниот развој на овој сектор на кој, како што потенцирал, Владата е стратешки насочена.
Инаку, ваквиот оглас за пројавување интерес не е законска обврска на Владата на Република Македонија, но со цел да се даде шанса на што поголем број способни луѓе, како што е посочено, Владата се одлучила на ваков чекор.
Заинтересираните кандидати може да се пријават до 16 февруари 2015 година со пополнување електронска апликација на веб страницата на Владата на Република Македонија.
Според огласот, пријавените треба да се државјани на Република Македонија, да имаат завршено високо образование зависно од позицијата од областа на земјоделските науки, ветеринарни, технолошки, економски, правни и други општествени науки, а за предност ќе се сметаат и завршени магистерски или докторски студии. Треба да имаат минимум пет години работно искуство, да имаат професионално искуство со меѓународни проекти од областа на рурален развој, децентрализирано управување со ЕУ фондови или заштита на животна средина, дополнителна специјализација или обука од областа, да имаат одлично познавање на англиски јазик на академско ниво, одлични компјутерски вештини, да имаат одлична способност за градење меѓучовечки и професионални односи, одлични организациски и аналитички вештини, способност за објективно разгледување и развивање нови решенија за одредени прашања, посветеност на работата и способност за работа во услови на притисок и стрес, како и посетување мотивација за успех и волја за развивање сопствени потенцијали.
