ВРАБОТЕНОСТА РАСТЕ: Со партиска книшка – до државни јасли?
Владата ја прогласи 2016 за успешна
во битката со невработеноста – годината заврши со стапка на невработеност од
23,1%, што се смета за историски најниско ниво. И Светска банка во најновиот извештај изработен заедно со Виенскиот институт за
меѓународни економски студии објави дека вработеноста се зголемува, но во исто
време обелодени состојби кои укажуваат на сеуште присутни сериозни проблеми на
пазарот на труд. Скоро 40 проценти од
работоспособното население е неактивно, а најголем дел од неврабтените се со ниско образование. Младите луѓе и натаму
најраниви поарди невработеност.
Невработеноста на младите – се подлабок проблем …
Во години кога Владата спроведуваше големи мерки за стимулирање на вработеноста, особено со таргетирање на младите работоспособни луѓе до 29 години, истражувањето на Светска Банка покажа дека токму оваа категорија и натаму е најподложна на невработеност. Новиот извештај ги скенира состојбите во земјите од Западен балкан пришто заедничко за сите е длабоката стапка на невработеност кај младите но и долгорочната невработеност.
“Пазарите на работна сила во земјите од Западен балкан се карактеризираат со ниска стапка на вработеност и висока стапка на невработеност.Високата и долгорочна невработеност стана белег на економиите во регионот како и неформалниот сектор. Особено загрижува високата невработеност кај младите од 48%, долгорочната невработеност, која е особено голем проблем во Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и сивата економија. И покрај тоа што, теоретски, солидниот економски раст кој го остваруваат земјите од Западен Балкан треба да резултира со пораст на вработеноста, тоа не се случува со очекуваната динамика. Финансиските кризи и иселувањето на населението исто така придонесуваат за слабите резултати. Затоа се неопходни структурни реформи“ - се наведува во извештајот.
Според најновите податоци на Заводот за статистика, ланската 2016 година заврши со стапка на невработеност од 23,1% и стапка на вработеност од 43,5%. Односот на апсолутните бројки покажува дека на 3,3 вработени во земјава има по еден невработен.
Неодамнешното истражување“Неусогласеност на (не)вработеноста на пазарот на труд во Македонија од аспект на знаења и вештини“ потпишано од Викторија Атанасовска-Новески и универзитетскиот професор Предраг Трпески покажа дека половина од невработените чекаат работа повеќе од пет години. Странските директни инвестции помогнаа да се отворат нови работни места, но во исто време предизвикаа сериозни поместувања на пазарот на труд – преку вработување на нискоквалификувана работна сила. Младите луѓе, според ова истражување и натаму најмногу се на удар на невработеноста, особено оние со диполма во рака.
“Особено голем проблем е структурата на невработеноста од аспект на староста, образованието и времето на чекање за вработување. Една од задачите што земјите членки на Европската Унија ја поставуваат пред себе, меѓу останатото, е и намалување на јазот во невработеноста, помеѓу младото и постарото население, каде невработеноста кај младите во некои земји е дури и двојно поголема. Во Македонија постојат големи разлики помеѓу стапките на невработеност според годините на старост“ – се нотира во истражувањето и се додава:
““Највисока стапка на невработеност се забележува кај старосната група од 25 до 34 години. Ова се поклопува со тезатaдека половината од невработените лица чекаат за вработување повеќе од 5 години.Најголема стапка на неврабоеност се забележува кај оние со завршено основно и средно образование.“
Кој вработува – државата или приватниот сектор ?
Дел од економистите подолго време упатуваат на прашањето – како и на кој начин се намалува невработеноста, дали овој тренд е резултат на вработувања во реалниот или во државниот сектор, и колку од отворените работни места во компаниите, поддржани со буџетски пари – се одржливи.
Деновиве две одделни истражувања упатија на речси слични заклучоци и наоди – работата во јавниот сектор останува најпривлечна а мнозинството на граѓани сметаат дека за обезбедување на “егзистенција“ потребна е партиска книшка или активност во име на партијата.
Така, анкетата што ја направи Центарот за управување со промени (ЦУП), покажа дека дури 77,8 од граѓаните сметаат дека за вработување во државната и јавната администарција е неопходно членување во одредена политичка партија, а 66,9% од граѓаните ја оцениле досегашната практика на вработување во државната и јавната администрација како „многу нефер и неправедна“. Дополнително, 42,6 отсто од граѓаните рекле дека партиските вработувања се причините поради кои сметаат дека вработувањето во државната и јавната администрација е нефер и неправедно.
И истражувањето на Институтот за демократија покажа дека мнозинството граѓани сметаат дека “партијата“ е мост за вработување. Така, Дури 67% од испитаниците сметаат дека до вработување се доаѓа исклучиво преку партиска припадност, а скоро половина прифаќаат партиски активности за да добијат работно место.
Токму реформите на јавната администрација беа на врвот на приоритетни прашања во Извештајот на групата на Европската комисија , подоцна преточен во документ познат како Препораките на Прибе.
Д.Д.
