Вработени во МТСП со писмо до Спасов бараат да не ги деградира
Неколку вработени во Mинистерството за труд и социјална политика со отворено писмо го повикуваат министерот, Диме Спасов да престане да ги прогонува и да ги деградира.
Тие се жалат дека им се вршени претреси на работните места.
„Бараме од вас и овластените лица од вас, да престанете да вршите „политички терор“ и притисок врз нас и сите кои поинаку мислат од вас и имаат поинакви ставови, мислења и перцепција за севкупните општествени текови“ - наведуваат во писмото советниците и раководители Јованка Тренчевска, Наташа Методијева, Јасмина Јовановска и Зихра Мемети.
Бараат да не го рушат нивниот професионален интегритет и достоинство, и да ги остават да работат професионално.
„ Насилно може да отварате канцеларии, на лицата од Кабинетот на Ременски да ги одземете компјутерите, принтерите, бироата, столчињата, алатките за работа, но не можете ништо да смените во нивните работни способности, капацитети и професионални признати успеси. Овде би ве запрашале дали откако ќе го спроведете тоа односно ќе не оставите без основните средства за работа со кои сме задолжени уште со нашето вработување како државни службеници во министерството, планирате вие и од вас овластените лица да ни обезбедите игли и конец за плетење или самите треба да ги набавиме? Или можеби планирате да одите уште понатаму??? И на крај, доколку мислите дека со ваквото ваше постапување ќе предизвикате страв и „скршени кичми“ кај нас професионалците во министерството, мора да ве разочараме: ТОА НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА СЕ СЛУЧИ“ - пишува во писмото.
Тие велат дека со сите расположливи средства ќе се борат против ова деспотско однесување, а со содржината на ова писмо освен јавноста, ќе биде запознаен и меѓународниот фактор.
