Вработени по рамковен да седат дома и да земаат плата е незаконски, смета Муса Џафери
Незаконски е вработените по Рамковен договор да седат дома и да земаат плата, вели за порталот Inbox 7 вицеперемиерот задолжен за имплементација на Рамковниот договор Муса Џафери.
Според него, крајно време е овие вработени да се распоредат по државните институции и најавува дека до март следната година ќе бидат распоредени 1.200 вработени по етнички клуч.
„Се работи за недостиг на капацитет и неподготвеност на институциите да ги примат навреме овие луѓе. За жал, имавме и таков застој. Имаме таква бројка која не може толку брзо по примањето преку огласи да се распореди некаде. Ние имаме став во Влада дека крајно време е да се распоредат овие луѓе или пак, да се врши некоја обука преку која ќе се тестираат нивните способности. Некому може нема да му се допаѓа како работно место, па ќе се откаже доброволно. Но, толку долго време да не се систематизираат овие луѓе, тоа не е добро за државата.
Ние примавме кадри и во втората половина на 2013 година и сега. Сега имаме 600-700 нови примени, и ако плус има толку во што не сум сигурен, максимално може да има 1100-1200 луѓе кои не се распоредени“, вели Џафери.
Тој вели дека со Охридскиот рамковен договор, за кој оценува дека донел напредок, државата се спасила од распад и се избришала мајоризацијата и етноцентризмот.
„Требаше да се децентрализира Република Македонија во правец на европскиот концепт со цел да се даде повеќе власт на локално ниво. Успеавме преку таква уставната реформа, локалната власт да добие во содржина и во сферите како образование и култура да се добијат добри резултати. Иако, математички не е постигната правичната застапеност“, вели Џафери.
Слично
