Возачи, од полноќ има нови цени на горивата
Нови цени на горивата ќе имаме од ноќеска на полноќ.
Тие поскапуваат од половина до еден денар по литар.
Вака одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се покачува за еден денар по литар и ќе чини 68,5 денари. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за половина денар по литар и сега ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продва за 70,5 денари, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) 63, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе чини 52 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,904 денари по килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 38,243 денари.
Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги набројуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар во изминатите седум дена и тоа кај бензинот во просек за околу 1,68 отсто и за околу 1,01 отсто кај дизелот, како и за 0,44 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.
Со одлуката се прави зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,28 отсто.