Вонредни родителски состаноци во средните училишта, продолжува бојкотот на наставата!
Продолжува бојкотот на наставата во средните училишта.Откако вчера учениците од трета и четвртта година од повеќе скопски гимназии целосно ги бојкотираа и двете наставни смени, денеска бојкот најавуваат учениците од прва и втора година. Вчера биле свикани вонредни родителски состаноци за како што велат средношколците да се направи уште еден обид, овој пат преку родителите да се стопира бојкотот. Но од Средношколскиот пленум порачуваат дека нивното движење има јасна и недвосмислена аргументација и порака-стопирање на екстерното тестирање и враќање на стариот концепт на државна матура. Бојкотот нагласуваат учениците ќе продолжи се додека не се реализира средба со надлежните и не се прифатат нивните барања.
“Разбирлива е грижата на дел од професорите но и родителите, бидејќи матурантите во најголем дел ја бојкотираат наставата, а тие први ќе бидат соочени со тестирањата од кои ќе им зависи уписот на факултет. Но од друга страна, имаме целосна подршка од нив поради општото незадоволство од лошите реформи во образованието кои завршуваат на штета на учениците. Невалидни оценки -1 завршуваа во свидетелствата, ученици изгубија стипендии, имаме повеќе од седум пати дополнителни тестирања и никому ништо. Единствениот контра-аргумент кој сакаат да ни го препишат е дека сме мрзеливи и бегаме од математика. Но ние им порачуваме на надлежните- НЕ, не бегаме од математиката, не сте ја разбрале нашата суштина за поголем квалитет и избор. Очигледно некој друг има овде проблем со бројките” -велат од Средношколскиот пленум.
Учениците од средните училишта се пожалија на притисоци и закани кои велат не стивнуваат ниту денес. Класните раководители и директорите постојано ги повикувале поединечно на разговори за да ги преубедат да се вратат на настава. Средношколците раскажуваат дека холовите биле претесни да ги соберат сите ученици,некои биле собрани и во училишните дворови, а бројката на незадоволни ученици се зголемувала и во втората смена.
“ И покрај различните притисоци со кои се соочивме, останавме цврсти и едногласни во однос на одлуката за бојкот. Обидите на класните раководители и директорите на училиштата да ги заплашат учениците со закани за неоправдани изостаноци, намалување на поведението не успеаа да ги вратат учениците на настава. Бојкотот на наставата продолжува и денес, а наместо посетувањето на редовната настава, во текот на денот ќе се изведуваат останати активносит од информативен, едукативен, креативен и интерактивен карактер. За време на бојкотот, се водат јасни евиденции за присуството на учениците во училиштето”-вели Мартина Бошковска од Средношколскиот пленум.
Оттаму велат дека нивната јасна аргументација која на неколку страни е образложена во писмените барања кои пред десетина дена ги доставија до ресорното министерство и ја потврдува исправноста на нивното незадоволство во однос со реформите во образованието од кои најмногу сметаат се на удар матурантите. Според нив концепцијата за полагањето на државната матура се менувала премногу брзо за соодветна адаптација на учениците, програмата и воопшто целиот систем со новонастанатите одлуки.
“Донесената непромислена спогодба меѓу Унијата на Средношколци и МОН, која не беше во согласност со барањата на средношколците, донесе уште повеќе проблеми и нелогичности во целиот концепт на полагањето. Со воведувањето на електронското полагање на матура во 4 етапи, се нарушува валидноста на државната матура бидејќи нејзината веродостојност е возможна само доколку насекаде во државата, сите ученици полагаат во исто време и одговараат на идентични прашања. Дополнително, екстерното тестирање кое го полагаат матурантите на полугодие непотребно ја зголемува агендата на обврски кои тие ги имаат, а оценките од половина материјал повторно завршуваат во свидетелствата и влијаат врз крајниот односно вкупен резултат на ученикот”-додава матурантката Бошковска.
Учениците кои и денеска ја бојкотираат наставата, не ги поколеба ниту вчерашната потврда на министерот за образование Абдилаќим Адеми дека ќе ги разгледа нивните барања и ќе се сретне со претставници на Средношколскиот пленум. Тој меѓу другото уште еднаш потенцираше дека досегашните преговори со Средношколската унија во најголем дел го решиле проблемот со државната матура и полагањето на математиката како задолжителен предмет само во природно-математичките насоки во гимназиите. Преговорите околу екстерното тестирање, според министерот ги водел Синдикатот за образование и наука со кој биле исто така донесени спогодби околу одложување на казните. Министерот Адеми вчера потсети дека средношколците можат да ги добијат надлежните преку службите во министерството и официјалните контакт телефони на институцијата, бидејќи на овој начин експресна средба остварила и Средношколската унија.
Ова од друга страна, за Средношколскиот пленум не е ни оддалеку сериозна ниту како што велат јасно изразена желба да се седне на заедничка маса со нив и да се разговара за суштинските образовни проблеми, како екстерното тестирање од чии резултати преку еден тест на заокружување триесетина прашања се гради цел образовен систем на национално ниво и државна матура која ги дискриминира учениците.
Средношколците велат дека бојкотот ќе продолжи се додека не се реализира средбата со надлежните, но која ќе се темели на конструктивни и транспарентни основи и на која ќе бидат донесени заклучоци и решенија околу нивните барања. Од Пленумот порачуваат дека радикализација на незадоволството и бојкот на наставата ќе следи и во средните училишта во другите градови низ земјава.
С.Б.
Слично
