Војската крева ограда од три метри да го заштити бегалскиот центар во Табановце
Бегалскиот центар во Табановце во близина на границата на Македонија со Србија, во кој се сместени околу 1000 мигранти, се оградува со ограда, висока три метри.
Новите столбови на местото каде била оградата со висина од еден метар, ги поставуваат припадниците на македонската војска.
Локалните медиуми пренесуваат дека македонската власт се обидува да ја зголеми безбедноста на мигрантите и локалното население, и да го запре илегалното влегување и излегување од кампот.
Оградата на кампот е на само неколку метри од првите куќи во близина на Сланиште во село Табановце.
Менаџерот на бегалскиот центар Табановце Горан Стојановски рекол дека одлуката за префрлање на одреден број мигранти во центарот „Винојуг“ во Гевгелија тешко се реализира, со оглед на тоа дека мигрантите не сакаат да го напуштат Табановце со надеж дека ќе им биде дозволено да го продолжат патувањето кон некоја од земјите на ЕУ.
Поедини медиуми наведуваат дека подигањето на висока ограда предизвикало револт меѓу мигрантите, кои денес почнале штрајк со глад.
Во центарот во Табановце се сместени 933 мигранти, кои таму останале откако Србија не им дозволи да го продолжат патот или од некои причини ги вратила во Македонија.
На границата на Македонија и Србија во шатори престојуваат уште 362 беглаци, кои чекаат отварање на границите и не сакаат да се вратат во кампот.
Бугарија, како што објавивме утрово на бегалците сместени во бегалските центри во Македонија ќе им донира хуманитарна помош, а донацијата ќе биде предадена во центарот за мигранти во Табановце во близина на Куманово.
