ВОЈНАТА ВО ИРАН ПРЕДИЗВИКА ШТЕТИ: Колкава е инфлацијата во ЕУ?
Годишната инфлација во еврозоната се зголеми од 1,9 проценти во февруари на 2,5 проценти во март, објави денеска Евростат.
Цените на енергенсите се зголемија најмногу, од -3,1 проценти во февруари на 4,9 проценти во март.
Цените на услугите се намалија малку од 3,4 на 3,2 проценти, додека цените на храната, алкохолот и тутунот се намалија од 2,5 на 2,4 проценти. Неенергетските индустриски стоки забележаа пад од 0,7 на 0,5 проценти.
Зголемувањето на инфлацијата беше очекувано, поради зголемувањето на цените на нафтата и гасот откако САД и Израел го нападнаа Иран, кој потоа го затвори Ормутскиот теснец - клучен премин за околу 20 проценти од светското производство на нафта и ист удел на течен природен гас (LNG).Војната на Блискиот Исток има далекусежни последици за енергијата, трговијата, глобалните синџири на снабдување и за финансиските пазари и претставува значителен товар за глобалната економија, соопшти Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
ММФ го опиша конфликтот како „шок“ кој е „глобален, но асиметричен“ и кој дејствува главно преку три канали: цените на енергeнсите, трговијата и финансиските услови.
Нарушувањето на снабдувањето со енергија е особено сериозно, се додава во објавата.
