Економија, финансии, бизнис

Контакт

Војната во Иран и нафтата над 100 долари: Што следува за глобалните пазари?

Војната во Иран и нафтата над 100 долари: Што следува за глобалните пазари?

Пиев кафе и речиси заборавив дека има војна во Иран и дека пазарите наскоро ќе ја отворат сесијата за фјучерси. Како и секоја недела, морав да ги проверам цените, особено овој викенд повеќе од кој било друг.

Немав време за тоа бидејќи вниманието ми беше на некои други обврски, но одеднаш мојот телефон почна да „полудува“ од известувања. Тоа беа сите аларми што ги поставив минатата недела – за пад од -1% од заклучните цени за берзанските индекси (од САД до Јапонија) и раст од +5% за нафтените стоки (Crude oil, Brent), само за да „бидам на сигурно“ во случај да заборавам.

Одеднаш сè почна да зуи истовремено и сфатив дека нешто не е во ред. Тие две минути релаксација навистина не траеја долго. Се вратив во реалноста отворајќи го мојот аналитички терминал: има војна во Иран, а нафтата ја проби границата од 100 долари.

Сега сме тука, а еве што би можело да се случи следно.

Психолошката бариера од 100 долари и домино ефектот

Кога ќе прочитате „Нафтата повторно над 100 долари“, она што го гледате не е само бројка, туку перцепција која може да влијае врз однесувањето на луѓето при берзанското тргување.

Тоа сигнализира начин на размислување кој го менува однесувањето на трговците. На 99 долари суровата нафта се смета за „висока“, но на 101 долар таа одеднаш станува проблем.

Откако таа бариера ќе се помине, неколку работи се случуваат автоматски.

Компаниите кои се потпираат на нафтени деривати – како авиокомпаниите и транспортните компании – почнуваат да се хеџираат за да се заштитат од растот на трошоците. Трговците дополнително се заштитуваат, а менаџерите за ризик бараат намалување на изложеноста.

Со други зборови, целиот финансиски систем преминува во дефанзивен режим. Ова е класичен домино ефект. WTI (West Texas Intermediate) во моментов е на приближно 110 долари за барел, што е највисока цена од 2022 година. Brent е на околу 109 долари за барел.

Истовремено, фјучерсите на американските индекси почнаа остро да паѓаат: Dow фјучерсите се во минус за околу 900 поени, додека S&P 500 и Nasdaq се во пад од приближно 1,7%. Ова не е панична распродажба, туку реевалуација на макроекономскиот ризик.

Инфлацијата како опиплив страв

Најочигледните причини за пазарните движења се војната на Блискиот Исток, растот на нафтата и падот на берзите. Но примарната грижа е дека енергетскиот шок може повторно да ја зголеми инфлацијата, во време кога многумина очекуваа намалување на каматните стапки. Во САД, цената на бензинот веќе порасна од околу 3 долари за галон на приближно 3,45 долари. Кога тоа ќе се случи, инфлацијата престанува да биде апстрактен економски концепт и станува реален трошок за граѓаните. Ако цената на нафтата остане над 100 долари три месеци, инфлацијата во САД може да се зголеми од 2,4% на околу 3%.

Теснецот Хормуз и вистинскиот логистички ризик

Теснецот Хормуз е една од најважните бродски рути за суровата нафта во светот. Се проценува дека околу една петтина од светскиот извоз на нафта и природен гас поминува низ овој теснец. Ако протокот биде прекинат, глобалниот енергетски пазар би бил погоден речиси веднаш. Некои проценки покажуваат дека во рок од неколку дена производството може да падне за 3,3 милиони барели дневно, а во полошо сценарио и до 4,7 милиони барели дневно.

Погледот кон иднината и ставот на Вашингтон

Доколку нарушувањата во снабдувањето со енергенси траат подолго, економијата на САД ќе се соочи со сериозни предизвици. Затоа Вашингтон најверојатно ќе бара начин за брза деескалација на конфликтот. Тоа не мора да значи непосреден мир, туку барем стабилизирање на протокот на енергија.

Две сценарија за инвеститорите

Позитивно сценарио

Доколку тензиите се намалат во следните недели и протокот низ теснецот Хормуз се нормализира, цената на нафтата би можела повторно да падне под 100 долари. Во таков случај, берзите би можеле да закрепнат релативно брзо.

Негативно сценарио

Ако конфликтот продолжи и логистичките проблеми се влошат, високите цени на енергијата ќе создадат силен економски притисок. Најпогодени би биле економиите кои зависат од увоз на енергија – Европа, Јапонија и Јужна Кореја. Во овој момент, најлогичната стратегија за инвеститорите можеби е наједноставната: да не прават ништо додека ситуацијата не стане појасна.

д-р (к.) Васко Костов - Хајделберг Факултет – Скопје

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Слично

Поврзани вести