Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВОЈНАТА ВО ИРАН ГИ ПОСКАПИ ЃУБРИВАТА: Што доколку производителите на храна штедат на заштита?

ВОЈНАТА ВО ИРАН ГИ ПОСКАПИ ЃУБРИВАТА: Што доколку производителите на храна штедат на заштита?

Поради војната во Иран, вештачките ѓубрива поскапеа и тоа ќе влијае на цените на храната. Ако земјоделците штедат на ѓубрива, тоа ќе се одрази на родот и на квалитетот. Но, ако цените драматично се зголемат, постои ризик дел од луѓето кои се занимаваат со земјоделство да ги намалат површините со зеленчук.

„Сите култури си бараат третирање, нема култура отпорна на болести. Високите цени на ѓубривата ќе се одразат на квалитетот на храната. Земјоделците можат да се откажат, да не работат, а не да штедат на ѓубриво, затоа што се свесни дека работата ќе им биде џабе. Ако не користат ѓубрива, ефектот не е ист. Штедењето на ѓубрива се одразува на сите компоненти на производот. Ѓубривото е храна за растенијата“, вели агроном од Виница.

Друг агроном од Струмица објаснува засега цените не се толку високи за да луѓето се откажат од користење на заштита за културите.

„Во Струмица земјоделците не сакаат да штедат, затоа што квалитетот на крај се плаќа. Ако цените бидат на некое нормално ниво, и ако е мало поскапувањето на ѓубривата и нафтата, тоа нема да создаде проблеми, но ако е енормно ќе биде проблем. Не се откажуваат луѓето ако нешто е поевтино или поскапо, се откажуваат поради старосната граница. На 3 до 5 години се прави некоја пресметка, дали се во добивка или во загуба од сработеното. Родот може да биде помал и квалитетот да не биде по некои стандарди ако се штеди на ѓубрива. Поскапување од 100 денари на вреќа ѓубриво нема да ги премисли земјоделците да не земаат, но ако има во иднина нагло поскапување, тоа ќе биде проблем. Во тој случај ќе бидат погодени и ситните и крупните земјоделци“, рече Трајче Милев, агроном.

Вештачките ѓубрива веќе имаат нови цени, од 30 до 40 отсто повисоки од претходно. Тоа главно се однесува на азотните ѓубрива.

„Јас пред 4 години садев пиперки и домати за продажба, а сега садам само за себе, но користам малку ѓубриво. Сепак, не е ист квалитетот. Поситни се плодовите, неугледни, не се за на пазар, остануваат за наша употреба“, вели жена од околината на Свети Николе.

Недостигот на ѓубрива дополнително ги погодува земјите во развој, кои веќе се соочуваат со климатски промени, повисоки температури и нестабилни временски услови.

Експертите во странство предупредуваат дека ако кризата продолжи, последиците нема да се ограничат само на земјоделците – туку ќе ги почувствуваат и потрошувачите ширум светот преку повисоки цени на храната. Кога Русија ја нападна Украина во 2022 година, исто имаше зголемување на цените на ѓубривата. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести