Војната создаде проблем со нафтата, но тоа не е единствената цена што треба да се плати
Затворањето на Ормутскиот теснец предизвика драстично нарушување на глобалниот пазар на енергија и петрохемиски производи, зголемувајќи ги цените на нафтата и гасот и загрозувајќи го снабдувањето со клучни суровини за секојдневните производи, објави „BFM TV“.
За само неколку дена, цените на нафтата скокнаа за речиси 40 проценти, а цените на бензинот за околу 50 проценти.
Европските производители на хемикалии би можеле да потрошат милијарди евра повеќе за енергија ако ситуацијата продолжи, предупреди банката Беренберг.
Затворањето на важен трговски пат особено влијае на Азија, каде што нафтата се користи во постројките за производство на етилен, пропилен и други петрохемиски компоненти што влегуваат во пластика, текстил, синтетичка гума, бои, парфеми, па дури и лекови.
„Дури и во 2022 година, не беше толку брутално“, рече претставник на индустријата, забележувајќи дека ненадејното намалување на понудата предизвикува стравувања од зголемување на цените кај потрошувачите ширум светот.
Во Азија, компаниите во Сингапур, Јужна Кореја, Тајланд и Индонезија веќе прогласија виша сила и го намалија производството на олефини поради недостиг на суровини.
Аналитичарите истакнуваат дека Европа не е поштедена - „LyondellBasell“ суспендираше дел од договорот додека продолжува прекинот во снабдувањето.
Експертите предупредуваат дека ефектите од кризата наскоро ќе ги погодат потрошувачите преку зголемувањето на цените на амбалажата, козметиката и лековите.
Исто така, ризиците се зголемуваат за производителите на хемикалии во Германија.
Нафтата и бензинот се во центарот на вниманието во последните недели со причина: ненадејниот пораст на цените на горивата предизвика шок на пумпите - што многу возачи не можат да го избегнат. Во исто време, стоката што ја купуваме во продавниците пристигнува со камиони, бродови или авиони, а сите тие користат дизел, кој стана значително поскап поради зголемувањето на цените на нафтата.
Сепак, затворањето на Ормутскиот теснец го ограничи пристапот и до други стоки. Ова би можело дополнително да ги зголеми цените за потрошувачите и компаниите, создавајќи инфлаторна двојна штета, пишува CNN.
Цените на храната би можеле дополнително да се зголемат во наредните недели и месеци поради уште еден клучен фактор: ѓубривата.
Блискиот Исток е одличен извор на уреа, кристализиран азот што се користи во повеќето ѓубрива низ светот. Околу 35 oтсто од светската уреа и повеќе од 20 отсто од вкупните ѓубрива минуваат низ Ормутскиот теснец, според Центарот за стратешки и меѓународни студии.
Ова наскоро би можело да ги погоди американските земјоделци, и тоа во незгодно време - веднаш пред почетокот на сезоната на садење.
