Војната ја менува мапата на туризмот: Милиони туристи бегаат од Блискиот Исток
Геополитичките тензии на Блискиот Исток веќе сериозно го менуваат глобалниот туризам. Сè повеќе туристи ги откажуваат патувањата во регионот и се пренасочуваат кон Европа, која повторно се наметнува како сигурна и стабилна дестинација.
Според податоците на Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC), секој ден конфликт со Иран значи загуба од околу 550 милиони евра туристичка потрошувачка во регионот. Овој удар отвора простор за европските земји да привлечат нов бран посетители, но и носи нови предизвици.
Блискиот Исток учествува со околу 5 проценти во глобалните туристички пристигнувања и дури 14 проценти во транзитниот сообраќај, што значи дека промените таму имаат директно влијание врз туристичките текови низ целиот свет.
– Европа традиционално се смета за стабилна и сигурна дестинација во време на глобална неизвесност, а првите показатели покажуваат дека тоа не се променило – вели Едуардо Сантандер од Европската туристичка комисија.
Најголеми придобивки од новата ситуација би можеле да имаат медитеранските земји, особено оние кои нудат летен одмор, сонце и море. Шпанија веќе се издвојува како една од главните дестинации кон кои се пренасочуваат туристите, а раст на интересот се очекува и за земји како Албанија и Црна Гора.
Покрај тоа, се очекува и зголемување на патувањата внатре во Европа, како и тренд на избор на поблиски дестинации, особено ако авионските летови станат поскапи или подолги.
Сепак, новиот бран туристи отвора и сериозно прашање – дали Европа има капацитет да го издржи дополнителниот притисок?
Многу европски дестинации веќе се соочуваат со прекумерен туризам, а зголемениот прилив може да доведе до:
-
поголем притисок врз инфраструктурата
-
раст на цените за сместување и услуги
-
незадоволство кај локалното население
-
потреба од нови регулации во туризмот
Од друга страна, експертите посочуваат дека ова може да има и позитивен ефект – продолжување на туристичката сезона и подобра распределба на посетителите во текот на годината.
И покрај кризата, туризмот покажува издржливост. Истражувањата покажуваат дека по безбедносни шокови, секторот често се опоравува релативно брзо – во некои случаи и за само неколку месеци.
Но додека тоа се случи, едно е јасно – геополитичките конфликти повторно ја прекројуваат мапата на светскиот туризам, а Европа се наоѓа во центарот на новите глобални туристички текови, со сите придобивки, но и ризици што ги носи тоа.
Еуправозато