Економија, финансии, бизнис

Контакт

Војната ги пренасочува туристичките рути: Раст на интересот за Турција и Западниот Медитеран

Војната ги пренасочува туристичките рути: Раст на интересот за Турција и Западниот Медитеран

Геополитичките тензии на Блискиот Исток почнуваат да се одразуваат и врз туристичкиот пазар. По нападите на САД и Израел врз Иран, туристичките агенции во Европа забележуваат брза промена во преференциите на патниците, иако вкупната побарувачка за летната сезона 2026 засега не бележи значителен пад.

Податоците на TUI Group покажуваат дека само неколку дена по почетокот на конфликтот се појавила нова динамика во резервациите. Дестинациите што се сметаат за побезбедни, како Турција, западниот дел на Медитеранот и Канарските Острови, бележат пораст на интересот кај туристите.

Извршниот директор на TUI Германија, на туристичкиот саем ITB Берлин изјави дека конфликтот не довел до целосно намалување на резервациите, но значително ги променил туристичките преференции. „Гледаме јасна пренасоченост кон дестинации што туристите ги сметаат за стабилни и безбедни“, рече тој.

Во исто време, моментумот на резервации во Египет почнал да слабее. Иако оваа земја во последните години беше меѓу најбараните летни дестинации, зголемената перцепција за геополитички ризик во регионот ги прави туристите повнимателни при изборот на одмор.

Претседателот на Туристичко-угостителската комора на Македонија, Аркан Керим, смета дека ваквите промени се типични за периоди на геополитичка нестабилност.

-Туризмот реагира многу брзо на политички и безбедносни ризици. Дури и кога реалната опасност не е директна за туристичките центри, перцепцијата на патниците може да ги пренасочи туристичките текови, вели Керим.

Според него, во вакви ситуации најчесто добиваат дестинации кои се географски блиску до Медитеранот, но се сметаат за политички постабилни.

-Турција, Шпанија и Италија традиционално профитираат кога има тензии во Блискиот Исток. Туристите сакаат да останат во истиот климатски и туристички појас, но во региони што ги доживуваат како побезбедни, додава Керим.

Експертите предупредуваат дека доколку тензиите продолжат подолг период, можно е да се појави и ценовен притисок во дестинациите каде што побарувачката расте, особено во западниот Медитеран.

Туристичката индустрија, која во последните години се опоравуваше од глобалните кризи, уште еднаш покажува колку е чувствителна на геополитичките случувања и колку брзо патниците ги менуваат своите планови.

Во врска со актуелната состојба во Кипар, со соопштение се огласија од Националната асоцијација на туристички агенции.

„Во овој момент во Кипар не е прогласена воена ниту вонредна состојба. Летовите (вклучително и на Wizz Air) се реализираат редовно. Хотелите и туристичките партнери од таму официјално информираат дека работат непречено. Свесни сме дека препораката за непатување, создава загриженост кај дел од патниците и целосно ја разбираме потребата за сигурност и јасни информации. Истовремено, туристичките агенции постапуваат согласно официјалните насоки и препораки кои ги добиваат од надлежните институции од двете држави“, соопштија од таму.

Од НАТА додаваат дека туристичките агенции се соочуваат со значителни финансиски и оперативни последици, з ашто утре на прес-конференцијата ќе бидат изнесени конкретни податоци за состојбата, позицијата на туристичкиот сектор и чекорите кои се преземаат за надминување на настанатата ситуација. 

С.А.Н

Слично

Поврзани вести