Економија, финансии, бизнис

Контакт

Војна во Украина – поразот да се претстави како победа

Војна во Украина – поразот да се претстави како победа

Русија и Украина ќе почнат да ја подготвуваат јавноста за компромисите што ќе се направат за ставање крај на војната во Украина. САД имаат намера во март да се постигне договор за мир а во мај во Украина да се одржи референдум за потврда на евентуалниот договор. Можно е тогаш да се одржат и претседателски избори. И Европа ќе треба да ја смени реториката во јавноста. И да и објасни дека сега со Русија ќе треба да се игра поинаку. Дека ќе треба да се соработува, иако не како порано. Бидејќи тоа е од обострана полза.

До март останува неполн месец. Во средината на месецов, ќе има нова средба на преговарачите околу мирниот договор. Од неговата договорена содржина ќе зависи дали јавноста и во Русија и во Украина ќе биде задоволна од постигнатото. Анкетите и во двете земји говорат за желбата за ставање крај на војната. Тоа го сфатија и политичките елити. Но ќе има прашања кои конечниот договор нема да ги одговори во полза на јавноста. Тука ќе треба да се покаже државничкиот карактер на лидерите.

На пример во Русија, ако не се добијат целите административни територии, туку Донбас, Крим и териториите кои сега се дел под руска контрола, ќе има прашања од незадоволниците  до претседателот, Владимир Путин, за оправданоста на жртвите за остварувањето на таа цел. Добро, Путин зад себе има голема пропагандна машина и ќе се обиде да го ублажи незадоволството, па дури да прогласи победа во војната со Украина. Но за тоа ќе се плати голема цена. Стотиците илјади војници и доброволци, кои ќе се вратат од фронтот треба да бидат намирени во секој поглед. Во спротивно, опасноста од бунт предводен од националистите, ќе се заканува над општеството. Семејствата на стотината илјади загинати сигурно нема да бидат рамнодушни во таков случај.

Многу потешко ќе му биде на украинскиот претседател, Владимир Зеленски. Како тој да прогласи победа во војната? Особено ако ги повлече војските од симболот на украинската одбрана, неколкуте илјади километри квадратни во Донбас. Таму се стационирани најрадикалните и највоинствените украински сили. Некои од нивните претставници во минатото веќе се закануваа со бунт и последици за Зеленски доколку го даде целиот Донбас. И јавноста не е единствена кон решенијата за Донбас. Мнозинството е против давањето на територијата на Русија. Па може да се случи на евентуалниот референдум, народот да се изјасни против таквиот договор. А ако има и избори, Зеленски да не добие нов мандат. Кадровските промени што ги направи Зеленски последниве недели, можеби се насочени токму кон ублажување на незадоволството. И држењето под контрола на евентуалните бунтовници.

ПОМОШ ЗА ТРАМП

Од друга страна се САД и претседателот, Доналд Трамп, кој на примерот на Украина виде дека војна од такви размери, со толку зла крв, не може да заврши за 24 часа, ниту за 12 месеци. Трамп си има внатрешни проблеми. Американците се поделени како никогаш досега од Граѓанската војна наваму. И над иднината на Трамп и неговата Републиканска партија виси опасноста од губење на мнозинството во Претставничкиот дом и во Сенатот, кое сега му овозможува на Трамп да управува со САД без поголеми проблеми. Демократите едвај чекаат да ја преземат контролата врз двата дома на Конгресот, па да „му ги врзат рацете“ на Трамп. Затоа тој настојува и притиска обете страни да постигнат компромис. Во спротивно, веќе има најавено санкции. Украина да ја остави без американски разузнавачки и други податоци, не давање пари за оружје и без гаранции за нејзината безбедност. А за Русија во Конгресот веќе има подготвено пакет економски санкции. Ќе го направи Трамп тоа? Секако, нему поважна му е позицијата во САД отколку војна некаде во Европа. Републиканците веќе губат свои упоришта на некои локални избори.

Прашањето е колку Путин и Зеленски се подготвени да му „помогнат“ на Трамп. На Украина би и одговарало Трамп да не е сега претседател на САД. Можеби затоа се добива впечаток дека таа ги одолговлекува преговорите, наоѓајќи разни изговори. На Путин обратно, имајќи ја предвид соработката со претходниот состав на Администрацијата. Но, што од тоа? Русија повторно ќе се врати на старите колосеци во соработката со САД. А Украина ќе треба да ја продолжи војната. Обете со илјадници загинати неделно. Тоа ќе значи и враќање на ставот на некогашниот премиер на Британија, Борис Џонсон, „да се војува“ со Русија. И ставот на некои западни лидери, Џо Бајден, Русија „да се уништи“. Што е близок и на некои европски лидери. Ако се покаже во „цајтнот“ Трамп може да повлече и некои остри потези и текот на настаните да се забрза.

Во сето ова европските лидери, како да се пишманат. Тие беа категорично против преговори со Русија, беа за изолација на Путин. За продолжување на војната до победа на Украина. Новонастанатите услови, пред се појавата на Трамп, ги отапеа стрелите на Европа. Своето го направи и економската криза во некои земји. Недостигот на оружје за себе, а камо ли за Украина. Европа се подели околу Украина. За денес да се слушне од устата на Емануел Макрон дека е потребен план „Б“ за Украина, бидејќи Трамп не ги „есапи“ Европејците во преговорите. А планот „Б“ предвидува почеток на директни преговори со Путин. Како што изјави Макрон кон крајот на декември, Европа мора да „ја пронајде вистинската основа за конструктивен дијалог“ со Русија. Ситуацијата во која Европа останува во сенка додека САД посредуваат меѓу Русија и режимот во Киев, претседателот на Елисејската палата ја нарече „помалку од идеална“. „Наскоро ќе ни биде корисно повторно да разговараме со Владимир Путин“, додаде Макрон. Деновиве прати специјален пратеник во Москва. Кон него се приклучи и италијанската премиерка Џорџ Мелони. таа, исто така, забележа дека, според неа, „дојде време“ за дијалог со рускиот лидер: „Ако Европа преговара само со едната страна, се плашам дека нејзиниот придонес во процесот ќе биде ограничен“.

СИТЕ СЕ ПОБЕДНИЦИ

Зачудува, ама за преговори со Русија деновиве се јавија тврдокорните-балтичките Естонија и Латвија. Тие побара да се одреди специјален европски пратеник кој ќе преговара со Русија во име на ЕУ. Порано велеа „Ништо за Украина, без Украина“, а сега „Ништо за Украина, без Европа и Украина“. Зеленски околу ова се однесува како да е наклонет кон Трамп, но постојано им реферира на Европејците за резултатите од преговорите. Европските елити можеби не се воодушевени од можноста за обновување на односите со Русија, но ја препознаваат нејзината неизбежност. Ако не за друго да и’ соопштат дека она што и’ го ветува Трамп нема да помине во Европа. Дека таа има друг приод во некои прашања. На пример економијата и укинувањето на санкциите. Европа тоа сака да го прави „постепено“. Во превод и натаму да се пазари. Направи ова, за да го направиме она...За да не и се заврти на Русија во главата од брзото реинтегрирање во економијата, како што предлагаше Трамп.

Војните во Југославија и конфликтот кај нас завршија без целосна победа или убедлив пораз. Туку на зелена маса. Со мировен договор. Од Дејтон или од Охрид. Така ќе биде и со војната во Украина. Без победници или поразени. Или пак обете страни ќе можат да тврдат дека се победници. Ги оствариле своите цели. Русија зела дел од Украина, а таа го зачувала суверенитетот и територија. Многу важно за Украинците е што војната даде надеж за изградбата на украинската нација. И не само на територијата на западниот дел од земјата, туку и пошироко. Ваквиот развој на настаните, според некои експерти значи дека „Ниту еден меѓународен трибунал нема да може да ја ограничи слободата на Владимир Путин, а Москва нема да плаќа репарации. Нема втор Версај“.

За сето ова да се оствари треба да се постигне мировен договор. Минатата недела се преговараше во Абу Даби. Неделава најавено е продолжување на преговорите во САД, Мајами или Вашингтон. Детали од досега договореното, полека се пропуштаат во јавноста. Да не ја шокираат одеднаш. Остануваат териториите. Русите го бараат Донбас, Зеленски е за разграничување според сегашната состојба на фронтот. За тие прашања постои ризик. Дотолку повеќе што во украинскиот парламент има поединечни повици да не се преговара, бидејќи тоа не е од полза за Украина и да продолжат борбите. Ама не се кажува со чии пари и чие оружје. Луѓето ќе ги даде Украина.

И во Европа има влијателни поединци кои се загрижени од мирот во Украина! Таков е Волфганг Ишингер, првиот човек на Минхенската конференција за безбедност.  Деновиве во едно интервју тој предупреди на закани во случај на прекин на огнот во Украина. Според Ишингер, сè додека Украина ја брани Европа, „опасноста не е толку голема“. Тој го објасни ова велејќи дека руската армија „губи илјадници војници секоја недела“ за време на борбите во Украина и дека ситуацијата ќе се промени штом ќе престане огнот во Украина. „Тогаш Путин ќе може да ја продолжи својата програма за вооружување без никакви проблеми, а ситуацијата со заканата за земјите од НАТО на источното крило ќе се влоши“, забележа тој во интервју за „Тагесшпигел“, објавено во саботата. Можеби Иѓингер ќе предложи испраќање германски војски на фронтот. Како ќе заврши војната во Украина е „одлучувачко прашање за Германија и Европа“, нагласи Ишингер. Одговорот на ова прашање тој ќе го добие или ќе може да го каже на Минхенската конференција за безбедност која ќе се одржи од 13 до 15 февруари. На неа ќе оди Зеленски, Русија не е поканета, а Американците, како лани, доколку дојдат, можеби  ќе го фрлат целиот настан во сенка на нивните погледи. Лани американскиот потпретседател, Џеј ди Венс, ги дотера до солзи некои учесници на конференцијата.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Слично

Поврзани вести