Војна во Синодот за австралиските епархии
Владиката Петар го екскомуницираше од православната црква претседателот на македонските заедници во Австралија Игор Аврамовски Александров.
Одлуката донел Епархискиот црковен суд на Австралиско-новозеландската епрахија на чело со владиката Петар уште на 17 јули. „Доколку лицето Игор Аврамовски Александров се обиде лажно да се претставува како верник, против него да се покрене постапка за фрлање анатема (проклетство) на него. Оваа пресуда откако биде потврдена од Архиерејскиот црковен суд, да се објави на богослужбите на верниците на МПЦ”, стои во пресудата.
Александров официјално се обратил до Синодот на МПЦ со барање да се изјасни дали ја почитува ваквата одлука, која била донесена во момент кога се најавуваше решавање на долгогодишниот црковен спор меѓу македонските заедници во Австралија.
„Моментално, во процес е разгледување меѓу нашите општини на нацр-Статутот за регистрирање на Македонска православна епархија за Австралија, за кој неодамна лично му дадов збор на г. Тимотеј дека ќе се залагам да го прифатат сите наши општини. Деновиве треба да закажам собрание на делегати на сите општини, кои ќе го разгледаат нацртот и ќе гласаат за негово усвојување. Но, пред да го вложам мојот личен кредибилитет ставајќи на дневен ред таков предлог, Ве замолувам под итно да ми потврдите дали Синодот го смета ваквиот злонамерен и неканонски проглас на Петар за моја ‘екскомуникација' како валиден и дали сметате дека тој има право да прави такви прогласи за кој било друг активист, парохијанин или свештеник на нашите општини“, стои во писмото од Александров до МПЦ.
На одлуката реагира и владиката Тимотеј, на кого во надлежност му беа доверени црковните општини кои не се согласуваат со управувањето на владиката Петар. Според него, црковните канони не можат да се користат за лични пресметки.
„Тоа значи дека не може владика што е надлежен за една епархија да екскомуницира (исклучи од православната црква) верници од друга епархија. Во црквата не може секој да прави она што ќе му падне на ум“, вели владиката Тимотеј за Прес24.
Од декември 2012-та господин Петар не е надлежен Архиереј на МПЦ за 11 црковни општини и 13 храмови, меѓу кои е и црковната општина во Сиднеј, каде Александров е нејзин генерален раководител. Со тие црковни општини управува владиката Тимотеј, како претставник на Синодот на МПЦ.
Слично
