Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Водовод и канализација“ со над 1.000 вработени, речиси половина од трошоците одат за кадар, а годината завршува со загуба

„Водовод и канализација“ со над 1.000 вработени, речиси половина од трошоците одат за кадар, а годината завршува со загуба

ЈП „Водовод и канализација“ Скопје ја завршило 2025 година со загуба од околу 1,3 милиони евра, иако претпријатието има 1.050 вработени според кадровата евиденција, односно 1.071 вработен според просекот врз основа на часови на работа.

Најтешката ставка во расходите се трошоците за вработените. Во финансискиот извештај за минатата година се наведува

„Трошоците за вработените учествуваат со 47,52% во вкупните приходи од работењето за 2025 година а 45,80% во вкупните трошоци од работењето во 2025 година.“

Вкупните трошоци за вработените достигнале околу 13,9 милиони евра, што е раст од 11,13 проценти во споредба со претходната година. Само бруто платата е зголемена за  9 проценти.

Кога ова ќе се подели на бројот на вработени, просечната редовна нето исплата по вработен изнесува околу 535 евра месечно. Ако се земат сите нето плати и надоместоци, просекот е околу 688 евра месечно. Реалниот месечен трошок за претпријатието по вработен, со придонеси, даноци и останати трошоци, достигнува околу 1.100 евра.

Претпријатието има голем број вработени, речиси половина од редовните трошоци се врзани за кадар, а сепак редовното работење создава минус. Приходите од работењето биле околу 28,6 милиони евра, додека расходите од работењето достигнале околу 30 милиони евра.

Со други зборови, системот е скап за одржување, кадровски тежок и финансиски неефикасен.

Покрај сопствениот кадар, претпријатието ангажира и трети лица и приватни фирми за извршување на одредени работи. Еден од таквите примери е одржувањето на фонтаните на плоштадот во Скопје, за кое е склучен договор со приватна фирма вреден над половина милион евра. Колкав дел од работните задачи навистина ги извршуваат вработените во претпријатието, а колкав дел дополнително се доверува на надворешни изведувачи и се плаќа со јавни средства.


Филип Костов

Слично

Поврзани вести