Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во владината кошничка сметките се помали, има и нескафе

Во владината кошничка сметките се помали, има и нескафе

Министерот за економија Бесар Дурмиши во емисијата „Бизнис 21„ рече дека новововедената владината просечна потрошувачка кошничка, која допрва треба официјално да биде објавена, е за 160 евра пониска од синдикалната.

Владата пресметала дека на едно четиричлено домаќинство во јануари му биле потребни 56.000 денари, а како што рече Дурмиши, сметките биле помали од тие на синдикалната. Инаку, синдикалната кошничка за јануари е 66.400 денари, а февруарската стигна до 67.400 денари, или за два месеци според пресметките на синдикатот е зголемена за 2.000 денари.

„Во јануари 2026 година просечната потрошувачка кошничка што е направена една пресметка од ова нели, наша пресметка е околу 56.000 денари. Ако ја разгледаме структурата на 2025 година ќе видиме значајни разлики по категории. Како на пример кај облека и обувки разликата изнесува за три илјади и нешто денари, околу 50 проценти е поевтина. Кај домување, вода исто така електрика, горива разликата е исто околу 3.000“, вели Дурмиши.

Дурмиши кажа дека во владината кошничка има над 100 основни прехрамбени производи, а влезено било и нескафето, кое за премиерот Христијан Мицкоски беше луксуз. 

Дурмиши рече дека гледа популизам и политика  во протестот на Сојузот на синдикатите закажан за 14-ти март во сабота. Како и на нивното барање за 600 евра минимална плата и раст на сите плати за 100 евра.

„Ако ме прашувате мене јас сакам минималната плата да биде 1.000 евра. Не само мене кој и да го прашувате. Се вражаме на тоа дали тоа е економски одржливо. Дали 1.000 евра после ќе вредат толку колку што се реално. Дали куповната моќ ќе биде тоа што е, или ќе одат, цените ќе се зголемат уште повеќе каде што ниту 1.000 евра не можат да ги стигнат, поради тоа што нема економска основа, оти не е базирно на економските податоци“, вели Бесар Дурмиши.


Слично

Поврзани вести