Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Владата молк за испуканите проектили кон зградата!

Во Владата молк за испуканите проектили кон зградата!
Од Владата се уште официјално не го коментираат вчерашниот инцидент, во кој два проектили беа испукани и завршија во владината зграда. Владината прес служба не е достапна за официјален коментар за инцидентот, како и за информација дали кога се случил нападот во тек била владина седница, како што е вообичаено во вторник навечер. Министерството за внатрешни работи и натаму работи на вештачење на проектилите кои завршија во фасадата на владината зграда. Дел од медиумите објавија дека се работи за куршуми со поголем калибар, но други, прикажувајќи го оштетувањето на владината зграда тврдат дека се работи за гранати од рачен фрлач. И жители на околните згради потврдуваат оти при инцидентот се слушнала силна експлозија. Нападот го пријавило лице од обезбедувањето на владината зграда. Едниот проектил завршил во кровната конструкција, а друг на вториот кат од објектот. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска конкретно не одговори дали заради овој инцидент е зголемено обезбедувањето на виталните и стратешките објекти во државата. „Степенот на обезбедување на сите владини и други институции од витално значење секогаш е на потребното ниво“, рече Јанкулоска. Таа потенцираше дека самиот процес на увидот и вештачењето на проектилите може да трае подолго. Во сличен напад во 2007 година, два проектили завршија покрај зградата на Владата, а сторителите и мотивите за тој инцидент досега не беа откриени.  
Слично

Поврзани вести