Во Турција уапсени петмина млади џихадисти од Скопје и Куманово
Петмина македонски државјани на возраст од 18, 19, 20, 21 и 24 години се уапсени во акцијата „Ќелија 3“.
Како што соопштија од МВР во соработка со турската полиција петмина македонски државјани осомничени за членство во Исламска Држава, на 12-ти август биле уапсени во турската населба Аксарај каде се собирале и организирале џихадистите и оттука планирале да заминат на боиштата во Сирија.
Министерот Чавков соопшти дека во текот на акцијата две лица се здобиле со тешки телесни повреди при обидот да избегаат, а по приведувањето тие биле однесени во прифатниот центар за странци во Истанбул.
Тројца од уапсените се од Куманово и двајца од Скопје. Според сознанијата на полицијата, осомничените македонски државјани во своите градови посетувале верски предавања на радикални имами.
По преземените активности и документирањето на настанот осомничените се вратени во Македонија и против нив е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“. Од страна на судија на претходна постапка на сите пет пријавени лица определена им е мерка притвор.
Министерот Чавков информираше дека за 23 лица македонски државјани се води кривична постапка, околу 25 македонски државјани се загинати, а околу 50 лица се уште се на боиштата во Сирија и Ирак. Тој нагласи дека овие бројки не се конечни и постојано варираат.
