Во Стопанската комора се интензивираат активностите за изнаоѓање подобри решение за имплементација на Законот за работа во недела
Ставот на Стопанската комора е секаде каде тоа е неопходно заради производниот процес, или заради оптимизирање на работните процеси на компаниите, да се остави можноста за работа во недела, вели во интервју за Фактор, Билјана Пеева-Ѓуриќ, оперативен директор во Стопанската комора на Северна Македонија. Таа вели дека во законот не треба да се набројуваат дејностите кои ќе бидат исклучок од правилото да не се работи во недела со оглед дека, како што тврди, тие се менлива категорија, и дополнителните измени на закон и коригирање на дејностите и работните процеси каде работниците може или не, да работат во недела, што е долг процес, може да предизвика несогледливи последици. Во Комората деновиве интензивно се работело на нови предлози со кои треба да се најдат, како што вели Пеева-Ѓуриќ подобри решенија за имплементација на Законот за работа во недела.
Дали со овие предлози ќе се нарушат работничките права?
Билјана Пеева-Ѓуриќ: Стопанската комора е институција која ги застапува фирми а во фирмите се и работодавачите и работниците и во таа насока предлага решенија за подобрување на имплементација на Законот во интерес на сите. Новиот концепт на Комора на иднината е да се грижи за своите членки, а работниците се клучни за успехот на економските субјекти и доследно треба да се почитува нивното уставно загарантирано право на платен дневен, неделен и годишен одмор, меѓутоа истото во никој случај не смее да подразбира изречна забрана за вршење на економска дејност и повреда на принципите на пазарната економија на кои се темели уставниот поредок.
Во таа насока, компаниите членки на Комората имаат јасен став по прашањето за работа во недела. Во услови на отежнати услови за стопанисување, недостаток на кадар, треба да се остави можност компаниите самостојно да го организираат извршувањето на работите соодветно на спецификите на работните процеси од секоја дејност, а на работниците да им се обезбедат сите права од работен однос, што треба да вклучува и плаќање на дополнителен додаток поради работа во недела како ден за одмор.
Недела неработен ден согласно Законот со работни односи, се применува од 1 јануари 2022 година. Но Стопанската комора не застана со активностите за докажување на неприменливоста на ваквото законско решение. Што е спорното во законот што е неприфатливо за компаниите, за стопанството, за бизнисот.
Билјана Пеева-Ѓуриќ: Стопанската комора на Северна Македонија од самиот почеток или пред повеќе од една година е вклучена во процесот на предлог измените на Законот за работни односи во врска со решението за „недела - неработен ден“. Во целиот овој период, низ многу дискусии, дебати организирани со членките во Здруженијата и во рамки на органите и телата на Комората, на прес конференции пред медиумите, во директна комуникација со надлежните институции во Владата, аргументирано настапувавме и образложувавме дека доколку целиме да постигнеме повисок степен на економски раст што е во интерес на државата и општеството во целина, неопходно е да се обезбедат услови за работа кои ќе создадат поголема додадена вредност во компаниите и поголема конкурентност на македонската економија, а тоа подразбира и овозможување работодавачите да го организираат извршувањето на работите соодветно на спецификите на работните процеси од секоја дејност. При тоа, неспорно и за стопанствениците е дека согласно Законот за работните односи и колективен договор, на работниците треба да им се обезбедат сите права од работен однос и секако плаќање на дополнителен додаток поради работа во недела како ден на одмор.
Само за илустрација, за 12-те месеци во 2021 година имавме над 25 активности во континуитет за ова законско решение, што значи секоја втора недела во изминатата година сме биле активни по ова прашање, во согласност со барањата на компаниите.
На 11 јануари 2022 година, Стопанската комора покрена две инцијативи пред Уставниот суд за оценување на уставноста на измените на Законот за работните односии за Законот за трговија. По само десет дена, претседателот на Комората најави дека на 18 февруари 2022 година, на денот на 100-годишнината на Комората, Комората ќе ја повлече иницијативата пред Уставниот суд, доколку во меѓувреме се најдат взаемно прифатливи решенија.
Билјана Пеева-Ѓуриќ: Да, согласно Одлуката на Управниот Одбор на Стопанската комора на седница одржана на 21.1.2022 година, дека на 18 февруари 2022 година, на денот кога се одбележува 100-годишнината на Комората, Комората ќе ги повлече иницијативите пред Уставниот суд во врска со законските решенија за „недела - неработен ден“, доколку во периодот што претстои се најдат сеопфатни решенија за проблемите со кои се соочуваат компаниите околу спроведувањето на Законите за работни односи и за трговија. За таа цел на 27.1.2022 година во Комората се одржа средба на 50-тина компании и претставници на Министерството за труд и социјална политика, и на Министерството за економија, на која се донесе заклучок да се поднесат иницијативи за отпочнување на постапка за изменување и дополнување на двата закони со конкретни предлог-решенија и јасно изразен единствен став.

Кои се вашите предлог решенија или ставот на компаниите?
Билјана Пеева-Ѓуриќ: Согласно дискусијаташто ја имавмесо компаниите на споменатата средба беше констатирано дека дополнување на листата на дејности кои можат да работат во недела иако имаше за цел, сепак не ги опфаќа сите дејности кои не трпат одлагање и кај кои прекинот на работата според природата на работниот процес значи сериозни економски штети и загуби за субјектите, од причина што оцената за тоа кои се дејностите кај кои техничко-технолошкиот процес не може да се прекине и кај кои се налага потребата од континуитет во работата во недела треба да го вршат самите економски субјекти, а не законодавецот.
Така, со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела (пример, производство на неметални минерални производи) и кои имаат еднаква правна положба од аспект на обврските да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата утврдени со закон се ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела (пример, производството на метали), од аспект на правата да остваруваат приходи и добивка. И кај едните и кај другите производните процеси се такви што бараат континуирано работење 24 часа 7 дена во неделата, а прекинот на работните процеси бара големи трошоци за рестартирање по само еден ден неработење и дополнително го зголемува ризикот од хаварии, со што и заштитата при работа на работниците е доведена под знак прашање.
Затоа ставот на Комората е секаде каде тоа е неопходно заради производниот процес, или заради оптимизирање на работните процеси на компаниите, да се остави можноста за работа во недела.Имено, во законот не треба да се набројуваат дејностите кои ќе бидат исклучок од правилото да не се работи во недела со оглед дека тие се менлива категорија, и дополнителните измени на закон и коригирање на дејностите и работните процеси каде работниците може или не, да работат во недела, што е долг процес, може да предизвика несогледливи последици. Дополнително, предлогот е решенијата кои се однесуваат за работа во ден на неделен одмор уредени во Законот за работните односи како lex generalis во областа на трудовото право, да се однесуваат за сите работодавачи без оглед на видот на дејноста која ја вршат, а не да се уредуваат во други закони, како што е на пример и сега со законот за трговија.
Дали вашите предлог решенија веќе се комуницирани со надлежните институции?
Билјана Пеева-Ѓуриќ: Предлозите од состанокот одржан на 27 јануари беа повторно доставени на разгледување до Управниот одбор на Комората, бидејќи овој орган во повеќе наврати дискутираше за проблемите кои би се предизвикале на терен од спроведувањето на законското решение за „недела - неработен ден“. По спроведената консултација и добиеното одобрување од членовите на Управниот одбор, ја подготвуваме иницијативата до Владата за изменување и дополнување на Законот за работните односи и на законот за трговија, со кое решение ќе се спречи изречната забрана за вршење на економска дејност што претставува повреда на принципите на пазарната економија.
Дали ова значи дека паралелно со измени на Законот за работни односи барате да се интервенира и во Законот за трговија?
Билјана Пеева-Ѓуриќ: Да точно така. Со предлогот за измена во Законот за трговија, ќе се елиминираат неколку спорни обврски кои им се наметнуваат на трговците со што се ставаат во нееднаква позиција наспроти работодавачите од другите дејности, како на пример додатокот на плата за работа во недела и на празници кое изнесува најмалку 100 отсто за секој час поминат на работа наспорти 50 отсто за сите останати, или надоместокот во висина од 2 отсто од вкупниот приход остварен во претходната година за работа во недела и на празници.
А.Т.