Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВО СРЕДА ПРОТЕСТЕН МАРШ: “Пробаа да не закопаат незнаејќи дека сме семе”

ВО СРЕДА ПРОТЕСТЕН МАРШ: “Пробаа да не закопаат незнаејќи дека сме семе”
“Барај ги своите права”, “Експериментите се вршат во лабораторија”, “Ова е нашиот дом”, “Пробаа да не закопаат незнаејќи дека сме семе”, “И ние имаме права” -ова се дел од пораките кои осамнаа во паркот пред Министерството за образование и наука каде средношколците минатата учебна  година повеќе од еден месец кампуваа против како што велат лошите образовни реформи. Нивните барања за укинување на екстерното тестирање и целосно враќање,  а не  само одложување на државната матура остануваат главните точки за кои ќе продолжат да се борат и оваа учебна година. Протестниот марш закажан за в среда според учениците  треба да биде јасна порака до надлежните дека учениците  не се откажуваат од како што велат борбата за подобро и поквалитетно образование. “Протестниот марш е првиот чекор на изразеното незадоволство. Можеби ќе има и следни чекори кои ќе ги одлучиме во зависност од тоа како ќе се развиваат работите. Ние остануваме на истите барања - укинување на екстерното, и задржување на стариот концепт на полагање државна матура. Надлежните досега со ништо конкретно не покажаа дека сакаат да разговараат или да не разберат како сериозен чинител во кроењето на законски решенија кои најмногу не засегаат нас. Во слична положба се ставени и професорите практичари чие мислење очигледно не им е исто толку важно. Сепак нашата хоризонтална поставеност за заедничко делување и споделување на размислувањата покажа дека мора да ја продолжиме борбата кога се поочигледно е дека сме игнорирани” -вели средношколец од Пленумот. Се стега обрачот околу учениците, има закани и притисоци! Прекројувањето на образовниот систем по мерка на власта и игнорирање на јавно искажаното незадоволство од учениците и професорите, според средношколците од Пленумот може да биде добра база за порадикални активности. Деновиве додаваат учениците, има засилени притисоци  во некои училишта да не излезат на протестниот марш, но тие како што нагласуваат, се сигурни дека овој пат ниту заканите ниту притисоците нема да бидат пречка посилно од кога било да го искажат својот револт и незадоволство. 12068950_895632000492090_1835109516050694930_o “Средношколците од сите скопски училишта забележале дека има притисоци врз нив околи протестот следната недела. Имаме дојави дека сакаат да ни се придружат и наши соученици од другите градови но и таму имало директни влијанија  во училиштата. Постои и одреден страв и свесни сме за тоа, но мора да покажеме дека минатогодишната борба на претходната генерација која покажа голема зрелост во настапите и детектирањето на конкретните проблеми како и нашите аргументирани барања не се безначајни. Очекуваме подршка од професорите и родителите”-велат од Средношколскиот пленум. Борбата продолжува, барањата остануваат исти! Оттаму потенцираат дека на матурантите не им е потребно постојано проверување со еден дел на полугодие, а и дополнително екстерно тестирање од државата по нови два предмети. Тие бараат  нов модел за јакнење на образовниот систем, но заснован на почит, доверба, преиспитување и  креирање вредности. Оценките од екстерното тестирање, потенцираат учениците,  не се едноставна ниту наивна одлука бидејќи влегуваат во свидетелствата и влијаат врз успехот на учениците. Реагираат и дел од  наставниците кои велат дека на закажаниот протестен марш ќе се најдат во првите редови заедно со своите ученици. И врз нив  деновиве имало притисоци но сепак како што велат нивното место е покрај учениците и  во училницата и надвор од неа. Последните изјави на надлежните според професорите  само ја  зголемуваат  недовербата кон институциите, а особено скепсата кон нивниот капацитет за правење реформи и водење на социјален дијалог, но и за уважување на мислењето на упатената стручна јавност. 12106840_895631927158764_6622212166837928391_n “Мора првично да се создаде  амбиент во кој секој граѓанин ќе стане свесен за својот личен придонес кон општествениот развој, а паралелно да се чуе гласот на средношколците околу евентуалното креирање на нови законски решенија. Дополнително,  интерните средношколски пленуми  треба да одлучат како правно да делуваат во услови на постојани притисоци и закани за нивните членови, за да се заштити дигнитетот и уставно загарантираното право на протест. Несфатливо е зошто одговорните во државава преку избрзани решенија продолжуваат да иритираат одредени целни групи, иако немаат потреба од тоа. На тој начин само се зголемува недовербата кон институциите”- вели професорка од Наставничкиот пленум која инсистираше на анонимност поради силните притисоци од раководството во нејзината гимназија. 12122656_895631933825430_9143363994491762862_n Таа порачува дека одговорните во државава сериозно треба да се зафатат со реформа на образованието, но со сеопфатни и долгорочни решенија. Зголемениот број на нереални оценки и падот на квалитетот на образованието вели не е производ на наставниците, туку на уписната политика на државата. Учениците треба да се воспитуваат дека независно од конкуренцијата самите треба да се трудат да стекнат знаење и да создадат навика за учење, бидејќи од квалитетот на нивното знаење, се зголемуваат и можностите за соодветно вработување по завршувањето на школувањето. Оттука нејзината порака во пресрет на протестите но и најавите дека ќе се бараат решенија на заедничка маса гласи: “Тој што со закон создал хаос, со закон треба да го врати или повторно да го постави редот!” С.Б.
Слично

Поврзани вести