Во скопските училишта ќе се држат „часови по приватност“
Во сите 21 средно училиште во Скопје ќе се држи „Час по приватност“, на кој учениците, наставниците и родителите ќе се запознаваат како да ги заштитат своите лични податоци и безбедно да ги користат социјалните мрежи и интернетот, се предвидува во Меморандумот за соработка што го потпишаа Градот Скопје и Дирекцијата за заштита на личните податоци.
„Една од генералните причини што, Градот Скопје се вклучува во еден ваков проект и во целост даваме поддршка за реализација, се податоците добиени од проектот за набљудување на криминалот од омраза на Македонскиот Хелсиншки комитет, според кој во 2013 година, биле регистрирани 116 злосторства од омраза, а најчести сторители и жртви се токму малолетниците“, вели градоначалникот Коце Трајановски.
Дури 72 отсто од вкупниот број регистрирани вакви инциденти се случиле во Скопје и општините околу главниот град.
„Нашите инспектори и едукатори ќе одржат предавања во сите средни училишта со што ќе пренесат знаења на 21 директор на средно училиште, 40 едукатори од педагошко-психолошкиот сектор, 1.000 класни раководители или наставници и околу 80.000 ученици и родители“, појасни директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци Димитар Георгиев.
Бројот на претставки за злоупотреба на личните податоци во Македонија секојдневно се зголемува, а статистиката говори дека децата, родителите и од наставниците генерално не ги познаваат политиките за заштита на приватноста.
Слично
