Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВО СЕЗОНАТА ГРЦИЈА ВЛЕГУВА ПОПЛАВЕНА: Скопјани со сведоштва од невремето во Никити и Ситонија

ВО СЕЗОНАТА ГРЦИЈА ВЛЕГУВА ПОПЛАВЕНА: Скопјани со сведоштва од невремето во Никити и Ситонија

Грција во деновите кога доаѓа екот на туристичката сезона е погодена од невреме, обилни дождови и ветер, кои завчера го достигнаа врвот, и поплавија плажи на познати летувалишта, оштетија куќи, дрвја и го блокираа сообраќајот. 

Надојдените води, како што можевме да забележиме на социјалните мрежи, на Ситонија, успеале да одвлечат автомобили и помали објекти во морето. Локални патишта беа под вода, а во поедини летувалишта како Никити, Неос Мармарас, Калитеа немало вода, а по неколку часа градовите немале ни струја.

Најмногу погодена беше Ситонија. Во Никити беа поплавени патиштата, а ноќта помеѓу вторникот и средата биле евакуирани и гости од поедини хотели. За среќа, засега нема пријавени жртви од невремето кое беснеело, а таа информација ја потврдија и од МНР.

Фактор контактираше туристи кои во моментов на невремето се затекнаа во соседна Грција. Тие ги раскажуваат сведоштвата директно од Никити и погодената Ситонија .

 

Се почнало попладнето

Средовечен пар од Скопје ни раскажа дека го поплавило нивниот апартман во Фурка каде што се сместени. Вода, велат имало до глуждовите а водата наеднаш почнала да навлегува од терасата во нивната соба.

-Ние во текот на вчерашниот ден бевме во Калитеа имаше страшен ветар и големи бранови. Попладнето почна да врне страшно и заминавме во Фурка каде сме сместени. Дождот не престана до вечерта до 21 часот. После почна да врне повторно ноќта во 3ч, ама тоа беше навистина обилен дожд. Нашата соба е во апартмани кои се на два ката и ние сме сместени на првиот. Наеднаш водата почна да навлегува од терасата кон внатре имаше вода до глуждовите. Цела ноќ ја вадевме и дежуравме. Сепак другите апартмани беа суви, нашиот балкон бил најизложен и затоа се поплавивме-велат за Фактор двајца средновечни Скопјани кои се во Фурка.

Штетата ќе се надомести, важно е што нема човечки жртви, вели пак Маја Кнежевиќ која од Никити ни раскажува што се случувало и што видела таа.

„Во нашиот двор доста соби беа поплавени, нашата за среќа не беше. За кратко време надојде голема количина вода, луѓето се обидуваа да ги заштитат куќите колку што можат. Од апартманите каде што сме сместени си заминаа многу луѓе. Грчките семејства завчера во предпладневните часови ги напуштија куќите. Ноќта од вторникот кон средата помина мирно, и сега го чекаме сонцето. Се надеваме дека брзо ќе дојде водата, иако за тоа немаме никакви информации. Најважно е дека нема човечки жртви, а се останато ќе биде надоместено“-вели за Фактор Маја која со семејството е на одмор во Никити .

И семејството Георгиевски од Скопје сведочат за бурните денови од одморот во Никити. Велат состојбата била застрашувачка, но сепак не се нашле на директен удар на поплавите.

-Ние сме сместени во апартман кој се наоѓа повнатре во Никити. За среќа собата е на третиот кат па можевме од балкон да ја набљудуваме ситуацијата и бесната вода по улиците на градчето. Денот кога почна да врне не очекувавме дека толку одеднаш состојбата ќе излезе од контрола, но важно е што сите сме добро“, раскажаа Георгиевски за Фактор.


Ситонија најпогодена

Неос Мармарас беше погоден од врнежи но состојбата не излезе од контрола.

Таму одмора Радица Петровиќ која ни раскажа дека во вторник и среда врнело постојано, но ситуацијата била под контрола за разлика од Никити.

-Јас сум сместена во Неос Мармарас. Завчера и вчера дождот не престана, но ситуацијата беше мирна, не е како во Никити. Моментално паѓа дожд, за жал не може ниту да се шета, но колку што забележувам, засега ситуацијата е стабилна-ни раскажа Радица во текот на вчерашниот ден кога ја контактиравме.


Улиците на Ормос Панагиас биле претворени во реки

-Од завчера сме без вода во апартманите, низ улиците до вчера течеше река од дожд измешана со фекалии и се сѐ влева во морето. Пожарникарите ја испумпуваа водата од куќата, бидејќи апартманите во приземјето се иселени од вторникот-ни раскажува во еден здив Ива Јаковљевиќ која моментално се наоѓа во местото Ормос Панагиас во Ситонија.

Завчера беше страшно, почна да врне околу 13 часот, а во 18 веќе се беше поплавено. Главниот пат беше затворен, а споредните кои водат до центарот се претворија во река. Скршени гранки од дрвја имаше наоколу, камп куќичките беа урнати, јахтите и чамците превртени или потонати. Бурата поместуваше автомобили-раскажува Ива.

Таа била сместена на вториот кат во куќата па вода не пробило во апартманот, но туристи од Бугарија кои биле на приземјето морале да се спакуваат и да излезат од апартманите.

Во Калитеа стабилно, само без струја 

-Ние сме добро, овде нема поплави а местото е на висина во однос на морето. Времето завчера беше грозно, дуваше многу силен ветар, грмеше и врнеше дожд 24 часа, вели Маја Лаџевац од соседна Србија коментирајќи ја ситуацијата на Касандра, Халкидики.

Таа вели дека не биле исплашени, а неколку пати снемувало струја и немале вода во средата околу еден час. Посочува дека Калитеа воопшто не била погодена од невремето освен што имало вода по патиштата од дождот.


Плажите непрепознатливи, стабилизација деновиве

Морето има црна боја, а плажите како никогаш да не постоеле-раскажуваат туристите додавајќи дека кафичи и ресторани кои се наоѓале на плажите повеќе не постојат, бидејќи бурата однела се. 

Доколку планирате пат во Грција овие денови, метеоролозите велат дека ве очекува променливо време со дожд, но добра вест е што времето ќе се разведри во наредните денови.

Според најавите, температурите во следните денови ќе бидат во пораст а и сонцето ќе го крене расположението, но дури после петок.

Невреме се најавува и за четврток-денеска, а во петок и првиот ден од викендот доаѓа до разведрување со температури над 30 степени, додека во недела и понеделник се очекува тмурно време со температури над 30 степени Целзиусови. 

Според прогнозите на грчките метеоролози, од 3 јули па се до крајот на август, температурите нема да надминуваат 34 степени Целзиусови.


Ирена Ставрова


(Фотографиите ни ги испрати Маја Кнежевиќ) 

Слично

Поврзани вести