Во септември се отвара втората фабрика на „Џонсон Мети“ во Бунарџик
Втората фабрика на „Џонсон Мети“ во Бунарџик започна со пробно производство. Во септември е закажано официјалното отварање на вториот погон. Вкупната инвестиција на британскиот инвеститор во вториот производствен погон изнесува околу 60 милиони евра , а според најавите предвидено е да бидат отворени 100 нови работни места. Со реализација на оваа инвестиција вкупните вложувања на „Џонсон Мети“ во Македонија ќе достигнат околу 120 милиони евра.
“Британскиот инвеститор веќе неколку недели има пробно производство во втората фабрика во технолошко-индустриската зона во Бунарџик, а официјалниот старт на производството е најавен за септември кога инвеститорот ќе ги заврши сите потребни подготовки во новиот погон. Вториот погон на Џонсон Мети во индустриската зона е целосно изграден и опремен и монтирани се сите потребни машини за производство“ Виктор Мизоизјави, директор на Дирекцијата за технолошки развојни индустриски зони, објави „ Лидер“.
Генералниот директор на „Џонсон Мети“ во Македонија Џатин Такрар , на поставување на камен темелникот минатата година изјави дека компанијата планира проширување на производствените капацитети со нови две производствени линии. Изградбата на вториот погон е готова. Во новиот производствен капацитет на почетокот се планира производство на едната производствена линија, а шест месеци подоцна да се стартува со производство на втората производствена линија, со што двојно ќе се зголемат производствените капацитети на „Џонсон Мети“ во Македонија.
Британската компанија започна со производство во Македонија на почетокот на 2010 година. Дневно во „Џонсон Мети“ се произведуваат 40 000 катализатори, а во компанијата има 400 вработени.
