Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во првиот месец од берзата за електрична енергија во Македонија истргувана струја за над милион евра, купувачите во тајност

Во првиот месец од берзата за електрична енергија во Македонија истргувана струја за над милион евра, купувачите во тајност

Во мај, првиот месец откако стартуваше со работа македонската берза за електрична енергија ден однапред, истргувана е струја за слободниот пазар за околу 1,1 милиони евра. Станува збор за сума за неполни месец дена, бидејќи купувањето, односно продавањето на електричната енергија започна на 10 мај.

Според податоците што МЕМО, националниот оператор на пазарот на електрична енергија во Македонија и организатор на берзата ден однапред, што ни ги достави, споредбите покажуваат дека просечната месечна цена е поевтина отколку онаа на HUPX, интернационалната и најрелевантна берза.

„Во месец мај на пазарот ден однапред истргувани се 13.442,4 мегаватчасови.  Просечната цена по која се тргуваше електрична енергија во месец мај изнесува 5.001,12 денари (по мегаватчас), односно 81,32 евра. Согласно податоците на HUPX, просечната цена постигната на пазарот изнесува 88,19 евра“ гласи информацијата која ја добивме од МЕМО.

Иако учесниците се познати, од таму појаснуваат дека податоци за тоа кој колку и кому  продал електрична енергија не може да бидат споделувани со јавноста, иако станува збор за берзанско работење.

„Согласно принципот на работа на организираните пазари на електрична енергија во сегментот ден однапред, тргувањето се одвива на транспарентен и анонимен начин. Имајќи го тој генерален принцип на работа, МЕМО ги објавува понудите за купување и продавање на електрична енергија заедно со понудените цени за секој час од денот на анонимен начин. Врз основа на тоа и зачувување на интегритетот на пазарот ден однапред, не може да дадеме одговор на првите две прашања“, се вели во одговорот на организаторот.

Сентраде, Дуферко, AOT Македонија, Елнор, ЕСМ Продажба, ГЕН-И, ТЕ-ТО АД Скопје, Интеренерго, РЕС, Макстил, ЕФТ, АД МЕПСО, Енерџи Активе, ЕВН снабдување, ЕВН електрани, ОКТА, Универсал Енерџи, ЕДС, ЕТМТ Енерџи и АД ЕСМ го сочинуваат поголемиот дел од компании за кои се знае дека учествуваат во тргувањето.

Од новите стандарди што ги постави берзанското тргување на слободниот пазар, првиот е тоа што цената за еден мегават електрична енергија ќе ја пресметува легален, признаен и проверен софтвер на кој „никој не може да му се јави и да му се меша или суфлира“ и таа цена ќе ја вади транспарентно за секој час во едно деноноќие. Второ, тоа што берзата како организиран пазар за струја гарантира дека продавачот на струја сигурно ќе ги добие сите пари навреме за продадената струја, а купувачот ќе ја добие навреме струјата што ја платил.

За фирмите и за граѓаните потрошувачи ценовниот сигнал постигнат на берзата значи навремена и точна информација која е квалитетен катализатор за носење на деловни одлуки. За потенцијалните инвеститори во генератори на струја ценовните информации на берзата значат квалитетет инпут за анализи кои треба да бидат основа за одлуки за вложување во капацитети за производство на струја.

А.К.


Слично

Поврзани вести