Во Прешево подготвуваат пречек за Еди Рама
Иако најголемиот дел од агендата на посетата на албанскиот премиер Еди Рама утре во Белград се држи во тајност, делумно и заради безбедносни причини, албанските медиуми денеска објавуваат дека Рама сепак во рамките на посетата ќе отпатува и во Прешево, регион населен претежно со Албанци, во близина на границата со Македонија.
Според изјавите на локалните претставници во Прешево, тие веќе подготвуваат пречек за Рама кого ќе го пречекаат како „свој втор премиер“.
Официјален Белград со негодување гледа на овој „недипломатски чекор“ на гостинот, кој покрај средбите на државно ниво, посакал да се појави на митинг пред албанското население во Прешево.
Посетата на Рама во Белград доаѓа во исклучително чувствителен период за односите меѓу двете земји, кои се искомплицираа по инцидентите на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија, за кои српските власти го обвинуваат токму братот на албанскиот премиер. Албанскиот премиер требаше да го посети Белград кон крајот на ноември, но посетата беше одложена токму по тензиите заради прекинатиот фудбалски натпревар.
Според агендата што ја објавија српските власти, Рама во Белград ќе се сретне со неговиот домаќин, премиерот Александар Вучиќ, со кого ќе потпишат неколку договори и ќе одржат заедничка пресконференција. Не е предвидена средба со српскиот претседател Томислав Николиќ.
Слично
