Во посета на поплавените: Спасов во кичевско, Јанкуловска во кумановско
Пакет со хигиенски средства, ќебиња и вода денеска од Црвениот крст добија 72 семејства главно од ромска националност зафатени со поплавите на улица „Прилеска“ во близина на Зајашка река во Кичево.
Тие семејствата денеска ги посети министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во придружба на директорот на Центарот за социјални работи во Кичево, Дашмир Лимани, пратеникот Благоја Деспотоски и секретарот на општината Рамиз Реџепи.
Министерот Спасов апелира до сите граѓани кои имат можност да донират средства отворените телефони за таа намена.
Министерката Јанкуловска пак денеска беше во посета на кумановскиот регион и го посети наслението од Шупли Камен кое претрпе штета од поплавите од изминативе денови.
- Денеска ги посетивме граѓаните кои се загрозени од поплавите во Кумановскиот регион. Неколку села кои се по течението на Пчиња и Кумановка, практично најдиректно се погодени од поплавите. Дел од куќите се под вода и голема површина на земјоделско земјиште. Она од што луѓето од овој крај ја обезбедуваат својата егзистениција е поплавено и голем дел од овие површини и земјоделското производство веќе се уништени, рече Јанкулоска.
Во Шупли Камен оштетени се дваесетина куќи, додека на потегот Јачинце, Клечовце и Довезнце околу 50-тина куќи. Штетите на земјоделското земјиште ќе се утврдуваат по повлекувањето на водите.
Таа додаде дека настојуваат да утврдат што како приоритет им е неопходно на жителите и најави дека ќе се направи анализа за санација на штетите, откако водата целосно ќе се повлече.
- И оваа година поплавите го погодија Кумановскиот регион. За жал вчера овде имавме и жртва, настрада дете што само по себе ја прави ситацијата уште потешка и покмплицирана, рече Јанкулоска.
Во наредните денови ќе се формира комисија која ќе изврши проценка на настанатата штета.
