Во пописот во 2020-та нема да има прашања за етничка и верска припадност?
Најавениот попис во 2020 најверојатно нема да содржи прашања за верска и етничка припадност, а тоа го најавува Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика во гостувањето во 1ТВ. Неофицијално, поради оваа причина пропадна претходниот обид за попис во 2011-та и сега оваа техничка операција на национално ниво не е извршена веќе 18 години.
Симовски смета дека во пописот не треба да влезат прашањата за етничка и верска припадност, коишто не ги пропишуваат ниту стандардите на ОН.
-Пописот стана поле од голем интерес за политиката. Пописот од 2011 пропадна токму поради мешањето на политиката, а единственото за што е заинтересирана политиката е токму етничката припадност. Овој податок нема никаква употребна вредност освен политичката, вели Симовски и додава дека од тоа не зависи ниту економијата, ниту инфраструктурата, ниту образованието.
Според него, најдобар начин да се тргне политиката од пописот е да се исклучат овие две прашања и дека во суштина, прашањето не е поврзано со етничката припадност туку со јазикот.
Симовски вели дека изминатите 18 години без попис ја оставија државата без можност да носи квалитетни политики за подобрување на условите за живот и правење грешки поради стари податоци.
-Ако имате желба да инвестирате во некоја стопанска гранка, ќе ви бидат потребни информации за расположливата работна сила, за населението како потрошувачи, можности за комуникација. Веројатно и малиот број на инвестиции се должи меѓу другото и на овој факт, објаснува Симовски.
Купените лап-топ компјутери за извршувањето на операцијата, штом таа заврши, ќе бидат донирани на училиштата.
