Во Полска се собираат потписи за референдум против мигрантите
Полската партија „Кукиз-15“ започна со собирање на потписи за одржување на референдум против прифаќањето на мигранти во земјата, пренесуваат локални медиуми, повикувајќи се на лидерот на партијата, Павле Кукиз.
„Денес започнавме со собирањето на потписи, 500 000 потписи за референдум да не се прифаќаат мигранти во земјата. Сакам да се свртам кон сите граѓани, кон полскиот народ, повикувајќи ги на активно учество во акцијата“, рекол Кукиз.
Тој нагласил дека настаните во Келн го убедиле дека „Полјаците не се подготвени да примат луѓе, странски во нивниот културен аспект“.
„Полска е наш дом и треба ние да одлучуваме кој ќе живее во него освен нас“, истакнал партискиот лидер.
„Кукиз - 15“ е третата по големина фракција во полскиот Сејм, во кој таа има 40 пратеници. Во Полска може да биде прогласен референдум, ако тој биде побаран од најмалку 500 000 граѓани.
