Во Полска исчезнаа 82 милиони евра од крипто-платформа, Туск тврди дека има траги до руската мафија
Полска е погодена од еден од најголемите крипто-скандали во регионот, откако обвинителството отвори истрага за сомневања за измама и перење пари поврзани со платформата ЗондаКрипто. Според досегашните податоци, потенцијалната штета се проценува на најмалку 350 милиони злоти, односно околу 82 милиони евра, а бројот на оштетени клиенти продолжува да расте.
Полските медиуми објавуваат дека до обвинителството пристигнале околу 1.500 пријави од корисници, главно поради проблеми со пристап до средства и неуспешни повлекувања од платформата. ЗондаКрипто, која претходно работеше под името БитБеј, важеше за една од најпознатите крипто-берзи во Централна и Источна Европа, со голема база на корисници во Полска.
Случајот дополнително се искомплицира откако извршниот директор Пжемислав Крал ја напушти Полска и замина во Израел. Според Полското радио, Крал има израелско државјанство, што може да ја отежни евентуалната постапка за негова екстрадиција. Тој тврди дека компанијата е стабилна и дека обвинувањата против него се неосновани.
Еден од најконтроверзните делови на аферата е недостапниот крипто-паричник во кој, според изјавите на Крал, има околу 4.500 биткоини. Тој тврди дека приватниот клуч за пристап до тие средства никогаш не му бил предаден од основачот на компанијата, Силвестер Сушек, кој исчезнал во 2022 година под сè уште неразјаснети околности. Вредноста на тој крипто-паричник се проценува на повеќе стотици милиони евра.
ЗондаКрипто соопштува дека соработува со институциите и ги отфрла тврдењата за неликвидност. Сепак, загриженоста се зголеми откако членовите на надзорниот одбор на компанијата поднесоа оставки, наведувајќи сомнежи околу состојбата со средствата и проблемите со исплатите кон клиентите.
Аферата брзо доби и политичка димензија. Полскиот премиер Доналд Туск јавно тврдеше дека финансискиот подем на ЗондаКрипто бил поврзан со руски пари, организиран криминал и руски разузнавачки структури. Според Асошиејтед прес, Туск изјавил дека компанијата финансирала политички и општествени настани во Полска и дека имала врски со делови од десницата. Компанијата ги отфрла овие тврдења.
Скандалот избувна во период кога Полска сè уште нема целосно усогласена национална регулатива со европските правила за пазарот на крипто-средства. Владата на Туск веќе неколкупати се обиде да протурка закон за построг надзор, но претседателот Карол Навроцки двапати стави вето, тврдејќи дека предложените правила се преголем товар за крипто-секторот.
Владата најавува нов обид за усвојување на законот, со построги казни за измами и поголеми овластувања за финансиските регулатори. Според Туск, случајот со ЗондаКрипто покажува дека крипто-пазарот може да стане простор за големи финансиски злоупотреби, перење пари и странско влијание врз политиката.
Истрагата продолжува, а полските обвинители ги повикуваат клиентите кои не можат да пристапат до своите средства да достават документи, изводи од сметки, историја на трансакции и докази за неуспешни повлекувања. Засега нема конечна судска одлука, а целосниот обем на штетата допрва треба да се утврди.
