Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во пензија со 67 и 64 години, наместо како досега?!

Во пензија со 67 и 64 години, наместо како досега?!

Зголемување на старосната граница за пензионирање како и на стапката за придонеси, за одржливост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, заклучува Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај. Монетараците посочуваат дека властите треба да се воздржат од нови бенефиции и зголемувања на пензиите. Анализата покажала дека државниот пензиски не може да собере доволно пари во касата од основните приходи, поради што недостигот на пари потребни за исплата на пензиите постојано расте. Причината за состојбата во фондот ја лоцираат во ниските стапки за придонеси што се плаќаат за работниците, бенефициите за пензионерите и евтината работна сила. Доколку не се преземат мерки за одржливост на фондот, монетараците прогнозираат дека дефицитот на фондот од 4,5 отсто од БДП во 2030 година ќе достигне 10,5 отсто.

“Реформите со за да се заузда пензискиот дефицит се оправдани.Постојат неколку опции, да се подигне законската возраст за пензионирање од 3 години за мажи и 5 години за жени, ревизијата на индексирање да се поврзе најмногу со трошоците на живот како што е случајот со земји во ЕУ, да се  спроведат реформи за зголемување на учеството на работната сила, особено  жените и зголемувањео на стапките на придонеси“, се наведува во извештајот на ММФ.

Освен политиките за пензискиот систем, како причина за влошување на состојбата во фондот се посочува и трендот на стареење на населението, што дополнително ќе притиска врз трошоците.

„ Учеството на населението на возраст од над 65 години во вкупното население се зголеми на 12,7 отсто во 2015 година од 8 отсто во 1995 година. Овој тренд се предвидува да продолжи, со учеството на населението на возраст од над 65 години, достигнувајќи 28,6 отсто во 2060 година.Во исто време, вкупната популација се предвидува да се намали драстично по 2030 година“, стои во извештајот.

Дел од економистите посочуваат дека препораките на ММФ се очекувани, а реформите се болни но мора да се спроведат што поскоро. Ова според економистите треба да биде и приоритет на новата Влада што ќе се формира по изборите.

„Стареењето на населението е долгорочен проблем и тој ќе треба да се решава веројатно и со мерки во смисла зголемување на старосната граница за пензионирање, но тоа се мерки кои што би опфатиле идните генерации. На пример  лицата  кои што сега се под 50 години уште од сега да знаат дека тие ќе се пензионираат подоцна.Но она што е позагрижувачко е состјбата денес, односно таква алармантна состојба во пензискиот систем која што бара краткорочни решенија, поточно веднаш. Знаеме дека над 40 отсто од пензискиот фонд се финансира од централниот буџет, што е повеќе од дефицитот на централниот буџет.Излегува дека ние целиот дефицит го трошиме за да го алиментираме дефицитот на фондот.Тој дефицит настана како последица на повеќе работи.Едниот дел е транзиционен кога преминавме од едностолбен на тростолбен систем.Вората причина беше намалувањето на стапката на придонеси и третата работа која што гледаме дека не запира никако е постојаното зголемување на пензиите над капацитетот на самата економија.На краток рок ќе биде потребна санација и тоа ќе треба да оди со пакет мерки. Најверојатно пензионерите ќе треба да се октажат од зголемувањата на пензиите а и работниците ќе мора да преземат дел од товарот односно преку зголемување на стапката за придонеси, а се со цел да се санира проблемот во фондот“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Дополнителен проблем за влошување на состојбата во пензискиот фонд е иселувањето на работспособното население, што влијае врз приходите во  фондовската каса, сметаат експертите.

„Трендот на стареење на населението ќе има дополнително негативен ефект врз финансиската состојба на фондот во идниот период преку намалување на соодносот помеѓу бројот на вработени и бројот на пензионери. Намалената стапка на наталитет и иселувањето на младите од земјата директно ја намалува групата на население кое е во продуктивна возраст а која би требало да обезбеди подршка и заштита за лицата кои се во пензија. Зголемување на стапката на пензиски придонес е нужно за да се зголемат приходите на Фондот. Но тоа е само една мерка за зголемуваање на приходите на Фондот и таа е директно поврзано со пензискиот систем. Другите мерки се однесуваат на раст на економијата што треба да е резултат на растот на сите или повеќето економски сектори што ќе доведе до природно зголемување на вработеноста, но и до раст на платите“, вели универзитетскиот професор Јадранка Мршиќ.

Во оптек е предлог во пензија да се оди со 67 за мажи и 64 години за жени наместо како досега.

Но не само ММФ, за неодржливоста на државниот пензиски фонд и неговата зависност од централниот буџет предупреди и Светска банка. Како причина за притисокот врз Фондот за ПИОМ, Светска  банка ги посочи новите вработувања потпомогнати со владините мерки, кои предизвикале намалување на приходите во фондовска каса, поради што дефицитот се покрива со пари од централниот Буџет.

Според податоците трансферите од централниот буџет за Фондто за ПИОМ од 235,3 милиони евра во 2011 година, оваа година достигнаа 425 милиони евра. Догодина државата на фондот ќе му префрли 452,5 милиони евра за да го покрие недостигот на пари за исплата на пензии. Иако меѓународните институции повикуваат на воздржување од нови зголемувања на пензиите, тие продолжуваат. Непосредно пред претстојните избори односно следниот месец пензионерите ќе добијат пет процентно зголемување на пензиите.

Т.С


Слично

Поврзани вести