Во оваа европска земја работат скоро 150.000 бегалци од Украина
Украинските бегалци се работно ангажирани во земјите каде најдоа прибежиште. Во Чешка стапката на невработеност е 3,5 отсто, а во земјата работат повеќе од 148.000 бегалци од Украина.
Податоците денеска ги објави Заводот за статистика на Чешката Република.
„Компаниите се уште бараат нови работници во сите гранки. Тоа значи безбедност за нашите граѓани и економијата“, изјави чешкиот министер за труд и социјала Маријан Јуречка.
Пред една година стапката на невработеност беше 3,4 отсто, бројот на лица кои бараат работа се намалил овој октомври за 588, односно има 255.792 пријавени во Бирото за труд, но има и 8.700 слободни работни места помалку во однос на лани, на сегашните 297.360 што се нудат.
Експертите очекуваат благо зголемување на стапката на невработеност поради завршувањето на сезонската работа и фактот дека пазарот на трудот сепак ќе биде засегнат од последиците од енергетската криза. Најниската стапка на невработеност вообичаено е во Прага, каде што во октомври беше 1,5 отсто, а највисока е на истокот на земјата во индустрискиот и рударскиот центар околу Карвина, каде во октомври невработеноста изнесуваше 8,2 отсто. Највисока стапка на невработеност е регистрирана во северниот дел на земјата, во регионот Устинад Лабем, 5,3 проценти и на исток, каде што беше 4,9 проценти во Моравско-шлезискиот регион. Во Полска, Германија и во многу други земји бегалците заминаа по руската инвазија на Украина која почна на 24 февруари. Сега делови од Киев се без струја и вода, поради што украинските власти повикаа бегалците доколку се во странство, таму да ја поминат зимата. Неколку милиони Украинци и натаму се надвор од својата земја.
foto freepik.com
